Дали од оваа изјава може да се донесе заклучок дека американската и француската дипломатија не успеале да најдат некаков компромис помеѓу Скопје и Софија? И која страна е поцврста во моментов на своите позиции? Кој прв ќе попушти. Заев повторно уверува дека за идентитетот и за јазикот нема да се преговара.
Она што е јасно по средбите во Брисел меѓу Макрон, Заев и Радев е дека македонскиот премиер ќе предводи делегација на заразговори во Бугарија. Но, во Софија има влада со врзани раце, која има мандат да ги организира предвремените избори. Веројатно, Заев не оди кај Радев и Јанев само да разговараат за проекти и коридори!?
Премиерот Заев нагласува дека посакува на 22 јуни да нема вето од Софија, односно Советот за општи работи на ЕУ да донесе одлука за официјален старт на преговорите, но и ако не се постигне решение, барем да ги заокружиме дискусиите и да чекаме политичка влада во Бугарија.
– На 11 јули имаат избори, после тоа се формира влада, политичка влада која што навистина ќе ги продолжи и најде решенија конечно, тоа можеме да го направиме и во септември, октомври, декември оваа година, важно е граѓаните да ја знаат реалноста, затоа што навистина не сме далеку, ниту е проблемот нешто посебен, јас често кажувам дека е смешен, но проблем е што нема парламент и нема политичка влада и е проблем за носење одлуки, вели премиерот.
Тој нагласува дека во рамките на тие напори до крајот на оваа недела ќе ја посети Софија.
– Ако не постигнеме решение, да направиме исчекор со којшто со политичката влада ќе се најде решение. Правиме до крајот на оваа недела официјална посета на Софија каде со претседателот Радев, со премиерот Стефан Јанев и нивните министри ќе седнеме и ќе ги разглобиме до крај сите детали, додава премиерот.