– Јас само ќе кажам дека Косово е суверена и независна држава, ги гради своите ставови и ги почитуваме тие ставови. Како човек ќе кажам дека сум познат по постигнување на договори, доказ за тоа се и договорот со Бугарија и Преспанскиот договор, рече Заев.
Според него, на Балканот треба да има дијалог, треба да има разговори, да постигнува договори. На тој начин, смета Заев, повеќе ќе се европеизираме, ќе ја унапредиме регионалната соработка и ќе го засилиме нашиот пат кон ЕУ.
– Целиот Западен Балкан, сите шест земји немаат друга алтернатива освен членството во ЕУ. Секое билатерално, мултилатерално договорање овде во регионот е апсолутно заради побрза, поефикасна иднина во ЕУ на сите наши земји, нагласи Заев.
Нашата земја, додаде, покажа храбри чекори заради постигнување на таа цел, а тоа, како што посочи, е полноправно членство во ЕУ.
– Ја постигнавме втората стратешка цел, НАТО. Во едни такви околности мислиме дека ако регионот повеќе соработува и Западна Европа и северна Европа и останатиот дел од Европа уште повеќе ќе почитува. Балканот веќе не е буре барут, Балканот не е темпирана бомба. Балканот е балкан на 21 век, ние денес и билатерално тоа го потврдивме со Република Косово, сите наши министри, ние како премиери. Јас сум уверен дека во иднина дијалогот, дипломатијата добрата мисла, пријателството, подадената рака се иднината на европскиот дел на Балканот. Нашето место е заслужено да биде таму, како членки на ЕУ, истакна Заев.
Премиерот Курти, пак, посочи дека сакаат што повеќе соработка и остварување на договорите на билатерално ниво меѓу Косово и Северна Македонија, а денешната средба меѓу двете влади, според него, е доказ за тоа.
– Ние сме ориентирани кон иднината, за нас иднината е Европската Унија. Значи ЕУ е нашата среќа, додека Европа е нашиот континент. Затоа, ние ќе ги поттикнеме сите регионални соработки, кои што за цел ја имаат ЕУ, рече Курти.
Додаде дека заедничката желба која ја покажале на овој состанок за нив е гаранција дека тоа што е потпишано на хартија ќе биде остварено и во реалноста.
– Оваа наша подготвеност и сериозноста која ја прикажуваме убеден сум дека сите овие договори ќе бидат остварени, а потоа да продолжиме да ги остваруваме и другите позитивни договори коишто беа сопрени. Верувам дека до крајот на нашиот мандат, нема да има потреба на крајот да зборуваме за неостварени договори, туку само за нашите заеднички достигања, на секое од полињата од овие 11 договори кои ги спомнав претходно, рече Курти.