Голем број на зелени површини исчезнуваат пред нашите очи, нема зелени катчиња, урбаниот хаос, сообраќајниот метеж, бетонизацијата што му се случува на Карпош каде што секој ѕида и постојано никнуваат нови згради додека зелените површини исчезнуваат. Освен тоа, денес имаме една голема нехигиена во општина Карпош, нема доволно паркинг места, нема детски градинки, а секојдневно граѓаните имаат проблем со општината и администрацијата и токму ова беа едни од моите мотиви да станам и да се кандидирам за градоначалник на општина Карпош бидејќи имаме една сериозна програма во која се опфатени од најмалите до највозрасните, истакна д-р Оливер Зафировски кандидат за градоначалник на Општина Карпош од ВМРО-ДПМНЕ, во своето гостување утрово во ,,Добро утро, секое утро” на телевизија Алфа.

Зафировски рече дека програмата што ја нуди ВМРО-ДПМНЕ има многу можности да се помогне и да се смени Карпош да биде повеќе зелен и со чист воздух, наспроти овие 4 изгубени години за жителите од оваа општина.

За овие 4 години не видовме ништо ново, дури и она што беше оставено во функција сега пропаѓа, имаме една општина којашто за обична работа, да се земе некој документ треба да чекаме со денови, месеци и денови. Исто така, спортската сала ,,Партизан” која беше една од основните обележја на Карпош е комплетно руинирана, запуштена и она што јас сакам е комплетно да ја реновирам со најнова содржина и надворешното уредување кое претставува едно темно катче и е сосема небезбедно да човек поминува од таму. Ќе се направи и трим патека и патека за велосипеди да можат луѓето да спортуваат и што поголем дел од денот да го поминат во природа, рече тој.

Зафировски како еден од поголемите проблеми во општина Карпош ја посочи нехигиената која е на најниско ниво и е извор за многу инфекции и рече дека справувањето со ова ќе му биде приоритет уште од првиот ден по победата на локалните избори.