Би сакал да си поставиме едно прашање “Дали сме задоволни од работата на нашата Oпштина Карпош досега“, истакна кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Карпош Оливер Зафировски.
Изминативе четири години општина Карпош е во слободен пад, локалните власти дадоа многу лажна надеж, лажни ветувања и брутална неискреност, а реализацијата на програмата е еднаква на нула.
Претставувајќи се пред вас, би сакал да истакнам дека во својата професионална кариера бев советник во Општина Карпош, бев заменик-генерален директор на ЈЗУ Институт за белодробни заболувања кај децата – „Козле од 1999 до 2002 година. Од 2006 година во траење од 11 години бев генерален директор на ЈЗУ Институт за белодробни заболувања кај децата – „Козле“. Во период од 2012 до 2015 година јас и мојот тим со поддршка на Владата на Република Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ изградивме нова Детска болница за белодробни заболувања – „Козле“ која е прв нов здравствен објект по осамостојувањето. Овој објект е направен по европски стандарди. Мојот тим и јас го основавме Институтот за цистична фиброза. Исто така сум и еден од основачите на Првата школа за педијатрија во Македонија, како и на Балканската школа за педијатрија. По изградбата на новата Детска болница за белодробни заболувања- „Козле“ организирав повеќе донаторски конференции и успеав да соберам значителни средства за обезбедување на најдобрата можна апаратура за болницата. Автор сум на повеќе меѓународни трудови од областа на педијатријата. Имам издадено неколку книги од областа на климатските промени и аерозагадувањето и нивното влијание врз човечкиот организам. Последната од овие книги е откупена од странски издавачки куќи.
Тој вели дека три децении како здравствен работник се борам за подобрување на животот на децата, а како градоначалник уште поинтезивно ќе се борам за подобрување на животниот стандард на сите на граѓани во Карпош.
Кога размислував дали да се вклучам во ваква сериозна и одговорна трка, една реченица беше пресудна – ЗА МОЈОТ КАРПОШ, ЗА НАШИОТ КАРПОШ!
Тој вели дека негова визија е Карпош да биде пристојно место за живеење каде сите жители ќе имаат еднакви можности за развој, без разлика на социјалниот статус или политичката припадност.
Голем дел од проектите во нашата програма се наменети токму за вас . Од ова место сакам да ви ветам дека ќе ги реализираме следниве проекти во Бардовци:
Наброи неколку.
Проширување и целосна реконструкција на локалната улицата која се простира од клучката на населено место Злокуќани до влезот на населено место Бардовци со изградба на велосипедска патека.
Изработка на сообраќаен проект за поставување хоризонтална и вертикална патна сигнализација, почнувајќи од клучката од населено место Злокуќани до сите главни улици кои се простираат во населено место Бардовци и пред ООУ „Аврам Писевски“.
Изградба на нов локален пат кој ќе ја поврзува населбата Бардовци со магистралниот пат Јадранска магистрала, што води до Индустриската зона „Визбегово“.
Изградба на пристапен пат до земјоделските парцели околу месноста Рупа и Крст во населеното место Бардовци.
Изградба на мултифункционален спортско-рекреативен центар со детско катче во рамките на ООУ „Аврам Писевски“.
Хидротехничка инфраструктура – зајакнување на водоводната мрежа на целата територија од населеното место Бардовци.
Поплочување на споредните улици (крак од улица) во населбата Бардовци.
Набавка на 200 филтри за оџаци, мерна станица и анализа на ефектот колку се ефикасни да ги задржат отровните честички во Бардовци.
Изградба на парк со хортикултурно уредување и поставување урбана опрема во склоп на Месната заедница „Бардовци“.
Изградба на современ зелен пазар кај клучката во Злокуќани при влезот на населбата Бардовци.
Ревитализација на Спортско-рекреативниот центар „Лепенец“. Финансиска помош и изградба на спортски простории и соблекувални за ФК „Лепенец“.
Реконструкција и изградба на тротоари за пешаци на главните улици во населено место Бардовци.
Расчитување на ѓубрето и дислокација на депонијата покрај реката Лепенец.
Чистење на одводните канали за полевање на земјоделските површини
Исто така сакам да ви ветам дека застанувам до вас и ви давам максимална подршка ….сите заедно нема да дозволиме изградба на прифатен центар за странци во Бардовци!
Почитувани Бардовчани, искреноста, чесноста, работливоста, посветеноста и блискоста со народот се моите принципи, од кои не отстапувам, а истото го барам и од моите соработници. Ви гарантирам дека овие проекти и многу други, согласно вашите потреби ќе бидат реализирани во 4 годишниот период што е пред нас. Во минатото ми дадовте доверба да го подобрам развојот и унапредувањето на детската здравствена заштита. Со голем ентузијазам се посветив на оваа мисија и резултатите се видливи. Сега го барам Вашиот глас за да го подобрам начинот на живот во нашата Општина Карпош.
Ја барам вашата поддршка за во наредните четири години заедно да го креираме општинскиот буџет, заедно да решаваме каде ќе се трошат нашите народни пари и на кои проекти ќе им дадеме приоритет. Излегувам чесно и искрено пред Вас и се обврзувам со конкретна програма и конкретни проекти и конечно нека победи Карпош. Затоа Ве повикувам сите кои искрено го сакаат Карпош да застанеме рамо до рамо сите заедно и да издвoјуваме победа, ГОЛЕМА ПОБЕДА за сите Карпошани. Да го вратиме заедно оптимизмот и стариот сјај на Карпош кој низ годините ни беше одземен!