Двајца пожарникари го загубија животот при гаснењето на голем пожар што избувна на грчкиот остров Крит, во близина на градот Ретимнос. Според неофицијални информации, нивното противпожарно возило останало заробено меѓу огнените јазици за време на акцијата.
Пожарот избувнал околу 14:30 часот во подрачје со ниска вегетација, а поради опасноста од негово брзо ширење на терен се испратени големи противпожарни сили.
Во гаснењето учествуваат 110 пожарникари, шест пешадиски тимови, 27 противпожарни возила и четири хеликоптери. Во акцијата помагаат и цистерни на локалната самоуправа.
Поради ризикот огнот да се прошири кон населените места, преку системот 112 било испратено предупредување до жителите на блиското село, со повик веднаш да се евакуираат.
Силниот ветер дополнително ја отежнува интервенцијата на пожарникарите, бидејќи придонесува пламените јазици брзо да се шират и го отежнуваат ставањето на пожарот под контрола.
