Украинскиот претседател Володимир Зеленски призна дека операцијата против руските бродови во Либија била изведена без претходна координација со европските партнери. Ова признание доаѓа по низа дипломатски реакции во Рим.
Во телефонскиот разговор на 27 ноември тој ѝ се извинил на италијанската премиерка Џорџа Мелони затоа што Италија не била однапред известена за воените дејствија. Информацијата ја објави весникот „Ил Фољо“, повикувајќи се на извори од италијанската влада.
Признанието следуваше по јавното разидување меѓу Киев и Рим. Во претходно интервју Зеленски тврдеше дека украинските сили секогаш се координираат со сојузниците кога дејствуваат во странски или меѓународни води, односно во близина на инфраструктура на трета држава.
Италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани остро го демантираше тоа, изјавувајќи дека партнерите воопшто не биле информирани за украинската поморска операција во Либија.
„Потврдив дека неодамнешната операција во Либија беше спроведена без претходна координација со нашите европски партнери“, објави Зеленски.
Мелони во разговорот детално му објаснила зошто за Италија е од клучно значење однапред да знае за таквите акции. Двајцата се договориле да ја подобрат комуникацијата, при што украинската страна се обврзала дека нејзините надлежни служби ќе ги споделуваат сите потребни информации преку редовни контакти.
Италијанската премиерка по разговорот јавно порача дека разјаснувањето на настаните било апсолутно неопходно. Според соопштението на нејзиниот кабинет, нападот го нарушил суверенитетот на Либија и создал реален ризик воениот конфликт директно да се прошири низ басенот на Средоземното Море.
Италијанските власти потенцираа дека поддршката за Киев останува, но таа не подразбира прифаќање на еднострани потези што ја загрозуваат безбедноста на Италија и стабилноста на целиот медитерански регион.
Министерот Тајани исто така се повика на добиеното извинување, истакнувајќи дека тоа јасно потврдува оти владата во Рим не ги доведувала во заблуда парламентот и домашната јавност во врска со воздушниот и поморски удар во Бенгази.
Во операцијата спроведена на 22 ноември, украински поморски дронови ја потопија руската корвета „Меркуриј“ во пристаништето во Бенгази и го оштетија товарниот брод „Ангара“, за кој официјален Киев тврди дека превезувал руско вооружување.
