ВМРО-ДПМНЕ ќе го блокира Законот за амнестија, а ова го потврди пратеникот Коцевски во гостување на ТВ.
„Точно така ќе бојкотираме бидејќи се работи за закон спакуван во обланда за пуштање на криминалци на слобода. Ова е втор пат што се случува еднаш тоа се случи во 2017-та година пред локалните избори и се пуштија околу 1,000 такви криминалци кои потоа одработија за партиите на власт СДСМ и ДУИ во тоа време, ова е втор пат што ќе се случи таква работа“, истакна пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Коцевски во вечерашното гостување во емисијата „24 Анализа“ на Телевизија 24.
Тој додаде дека сето тоа е договор на власта со криминалците за да ги пуштат на слобода се со цел тие да одработат за нив.
„Колку што сум запознаен пред една година оваа Влада има добиено кредит точно на оваа тема да се создадат подобри услови во затворите во Република Македонија меѓутоа ништо не е искористено од тоа. Затоа велам дека ова е една обланда за криминалците да се најдат на слобода и повторно да обработат за власта“, вели Коцевски.
Тој посочи дека 24 часа им требало на власта за да го изгласаат овој кривичен закон.
„Овој закон е донесен затоа што се спремаат за опозиција и сегашните партиски функционери и останати криминалци да одговараа или не одговараат по овој нов кривичен законик. За јавноста владејачкото мнозинство си го обезбеди кворумот од 63 пратеници и го чекаа Али Ахмети за да започне седницата. Прва точка на дневен ред беше кривичниот закон, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата сите кои беа присутни гласаа против“, дециден е Коцевски.