Инспекторатот започна контроли за безбеден јавен превоз
Градот Скопје денеска започна сериозна акција за воспоставување ред во јавниот превоз, соопшти градоначалникот Орце Ѓорѓиевски. Акцијата е насочена кон нелегалните такси-автомобили, комбиња и автобуси кои со години работеле без лиценци и надвор од сите прописи.
„Ова го најавив уште кога ја барав поддршката од скопјани и денес ја испорачуваме таа обврска“, изјави Ѓорѓиевски. „Нашата цел е јасна и недвосмислена – да се заштитат граѓаните, да се воведе фер конкуренција и да се почитуваат законите кои важат за сите.“
Според градоначалникот, возилата кои работат нелегално ќе бидат одземани на период од шест месеци, а инспекторатот ќе изрекува казни со платен налог. „Ова е конкретна мерка со која праќаме порака дека хаосот и безредието нема да бидат толерирани“, додаде тој.
Целта е безбеден и организиран систем
„Засилените контроли продолжуваат секојдневно, со уште поголем интензитет во деновите што следат. Целта не е да казнуваме по секоја цена, туку да создадеме здрав систем во кој секој што работи ќе работи легално, одговорно и во интерес на граѓаните“, истакна Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека со воспоставување ред во јавниот превоз, граѓаните конечно ќе добијат сигурен превоз без импровизации, ризици и страв дека превозот што го користат е небезбеден или нерегулиран.
„Ова е само еден од чекорите со кои го враќаме достоинството на нашиот град. Скопје мора да биде град во кој законите важат за сите, во кој редот е правило, а не исклучок. Град во кој граѓаните се чувствуваат заштитени, а институциите си ја вршат работата професионално и бескомпромисно. И така ќе продолжиме“, заклучи градоначалникот.
