Првиот закон кој се однесува на легализација на бесправно изградените објекти, на кој претседателот Стево Пендаровски стави вето, се враќа на изјаснување кај пратениците на 8 јуни, кога почнува новата собраниска седница.

Претседателот на парламентот Талат Џафери изјави дека негова деловничка обврска е да го врати законот на дневен ред во трето читање во рок од 30 дена од неговото донесување. Тој рок, како што рече, истекува на 11 јуни. Бидејќи е во трето читање, како што рече Џафери, законот ќе оди директно на пленарна седница, каде што евентуално ќе може да се поднесат амандмани на спорните одредби.

Законот нема да се враќа во Комисијата за транспорт и врски, а, како што рече Џафери, ако повторно биде усвоен со најмалку 61 глас, Пендаровски е обврзан да го потпише указот за негово стапување во сила.

Законот беше изгласан во Собранието на 11 мај, со поддршка од пратеници и од власта и од опозицијата. „За“ гласаа 72 пратеници, тројца беа „воздржани“, а петмина „против“. Поддршка дадоа и пратеници од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Сепак, како што вели Џафери, тоа не мора да значи дека повторно ќе има исто мнозинство за потврдување на законот. Затоа, посочи тој, е предвиден и тој рок од 30 дена за враќање на регулативата во трето читање – за пратениците да размислат дали повторно би гласале за истото решение.

Претседателот Пендаровски, исто како и Џафери, минатата недела изјави дека нема друг избор освен да го потпише Законот за легализација на дивоградбите доколку пратениците по вторпат го усвојат истиот закон и без никакви измени.

– Не можам да знам дали повторно ќе го изгласаат Законот. Тоа е комплетно во надлежност на политичките субјекти кои се во парламентот. Прво, оние што се во Владата дали имаат намера тоа да го направат – да го пуштат повторно во процедура, има најави од премиерот и министерот за транспорт и врски, тие тоа ќе го направат. Има најави од други политички субјекти дека можат со филибастеринг да блокираат, меѓутоа тоа е комплетно во надлежност на Собранието. Ако ме прашувате за мојата реакција, кога здравје тој закон повторно би дошол кај мене, Уставот е апсолутно јасен. Немам намера да не го почитувам Уставот, да изигрувам претседател кој има т.н. џебно вето, па да не се произнесувам. Ако тој закон биде изгласан со потребното мнозинство по вторпат, се разбира дека истиот ден ќе го потпишам, рече вели Пендаровски.

Неговите уставна обврска, на која се повикува и тој и Џафери, е пропишана во членот 75 од Уставот кој вели дека во случај Собранието повторно да го усвои законот со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, тогаш претседателот е должен да го потпише указот.