„Премиерот ќе образложи во Собранието“, е одговорот што го добивме од Владата на нашето прашање зошто заменик-министерот Даим Лучи, кој е избран на предлог на Алтернатива, не е на листата за смена, со оглед на тоа што Ковачевски предложи разрешување на тројцата министри и двајцата заменик-министри од редовите на партијата на Африм Гаши, јавува 360 степени

Дали отсуството на предлог за разрешување на Лучи може да се смета како индикација дека тој е кадровско решение на пратеникот Скендер Реџепи Зејд, кој на 11 јуни минатата година ја напушти Алтернатива и оттогаш во законодавниот дом дејствува како независен пратеник? И дали ова значи дека Реџепи Зејд денеска ќе гласа „за“ предложената реконструкција на Владата? Овие прашање се обидовме да му ги поставиме лично на пратеникот Скендер Реџепи, но, и покрај нашите телефонски повици и пораки преку мобилните апликации, тој остана недостапен за коментар.

Премиерот Димитар Ковачевски го достави до Собранието предлогот за реконструкција на Владата и на денешната седница тој ќе се најде пред пратениците.

Во предлогот до Собранието за реконструкција на Владата се предвидуваат промени на четири министерски и пет заменик-министерски позиции. Најголеми „губитници“ на министерските и заменик-министерските места се довчерашните партнери во Владата, Алтернатива, која ги губи двата ресора што ги раководеше досега – Министерството за здравство и Министерството за информатичко општество и администрација.

Премиерот Димитар Ковачевски, освен за министерските места, до Собранието поднесе предлог за разрешување и на тројца заменик-министри, од кои двајца се од Алтернатива. Станува збор за смена на досегашните заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Абдулшуќур Абедини и заменик-министерот за образование и наука Лулзим Алиу.

Но, на листата за смена не се најде и актуелниот заменик-министер за култура Даим Лучи, кој исто така е од Алтернатива.

Тој е избран за заменик-министер во Владата на Република Македонија на 11 февруари 2022 година, кога на оваа позиција се назначени и другите негови колеги од партијата во рамките на тогашната реконструкција на Владата, односно со влегувањето на Алтернатива во владејачкото мнозинство.

Лучи на политичката сцена во Македонија се појавува во 2014 година како еден од основачите на политичката партија Движење Беса како претседател на Младинскиот форум на партијата. Со поделбата на Беса на два политички субјекта во 2018 година, Лучи е основач на новата партија Алтернатива, каде што исто така една година ја извршува функцијата претседател на Младинскиот форум.

Како што може да се прочита од неговата биографија на официјалната интернет-страница на Министерството за култура, тој има 32 години. Роден е во Скопје, а дипломирал политички студии на Државниот универзитет во Тетово во 2014 година, што се совпаѓа со почетокот на неговиот политички ангажман. Постдипломски студии по дипломатија завршил на Универзитетот на Југоисточна Европа.

Зошто Лучи не е на списокот на заменик-министри што премиерот Димитар Ковачевски го достави до Собранието за разрешување од функциите е енигма.