Жан-Ив Ками со поддршка за Македонија: Вината е во нејзините погранични соседи што го растргаат идентитетот на државата

Ж
Македонија 25.06.2022. 16:28
Текстот на авторот Жан-Ив Ками, објавен на 20 јуни на насловната страница на онлајн-изданието на сатиричниот весник „Шарли Ебдо“, неколку дена пред неповолната разврска за македонската апликација за членство во ЕУ, е резултат на неговото присуство, контактите и дискусиите со професорите од Универзитетот за туризам и менаџмент – Скопје.

Токму Жан Ив Ками, голем пријател на УТМС, на почетокот на јуни беше во Скопје како гостин и еден од главните учесници на неодамнешниот меѓународен Форум на градоначалници организиран од Универзитетот.

Во својот текст објавен во францускиот сатиричен неделник „Шарли Ебдо“, Ками се осврнува на случувањата околу земјава, за која се наведува дека се бори за влез во Европската Унија, а „вината за нејзините маки“ треба да се бара кај нејзините соседи, кои се растргаат околу идентитетот на државата.

Надежда и апелот на нашиот пријател за позитивно разрешување на спорот со Бугарија, за жал, и оваа година не наидоа на разбирање и повторно ја оставија Македонија во чекалната на Европа.

Текстот на Жан-Ив Ками е доспен на онлај-изданието на „Шарли Ебдо“ на следната врска:

https://charliehebdo.fr/2022/06/international/macedoine-le-pays-qui-ne-veut-plus-etre-en-morceaux/

Текстот е објавен и во изданието на списанието бр. 1560 од 15 јуни.

Во прилог следува превод на целосниот текст на македонски јазик, објавен од УТМС.

МАКЕДОНИЈА: ЗЕМЈАТА КОЈА ПОВЕЌЕ НЕ САКА ДА БИДЕ РАСПАРЧЕНА

Македонија се бори за влез во Европската Унија. Вината е во нејзините погранични соседи што го растргаат идентитетот на државата.

Да се дојде во Скопје во јуни 2022 година значи да се посети главниот град чии жители официјалното име на својата земја го сметаат за историска отстапница, навреда. Официјално, ние сме во Северна Македонија, име наметнато од Европа и од меѓународната заедница по договорот потпишан во 2019 година за окончување на спорот меѓу Скопје и Грција. Меѓутоа, жителите, барем Словените од православна вероисповед, не попуштаат: тие се Македонци и живеат во Македонија. Ниту во северна ниту во јужна: во Македонија, а тие се народ, со свој јазик и со своја историја што датира од славната антика.

Но, соседните Грција и Бугарија го оспоруваат поимот одделен македонски идентитет. Последица: Северна Македонија, кандидат за влез во Европската Унија од 2004 година, дури во 2020 година доби зелено светло од Европскиот совет за отворање на пристапните преговори. И има уште долг пат да помине, за што е виновно злото на идеологијата на Балканот: „антиквизација“, или потрагата по легитимитет со повикување на исчезнатите империи, за да се консолидира процесот на националното формирање што сè уште не е завршен.

Балканот е мозаик на испреплетени народи. Граѓаните на Северна Македонија се претежно христијански Словени, но четвртина од населението се Албанци. Приштина, главниот град на Косово, е на само 90 километри од Скопје. Иако групите што се залагаат за Голема Албанија се надвор од игра, етничката поделба во Скопје е очигледна: од едната страна на мостот со поглед на Вардар се Албанците и Ромите, а од друга се Словените. Евреите (останаа 200) веќе никому не му пречат: пронацистичкиот бугарски окупатор испрати 7.200 нивни предци во Треблинка.

Словенските Македонци тврдат дека се наследници на кралството на Филип II и на неговиот син Александар Македонски, од околу 400 и 300 година пред нашата ера. Славни корени откако првиот ги победи Атина и Теба, а вториот ја прошири својата моќ во Индија. Македонското национално движење, родено кон крајот на 19. век за ослободување од Османлиите, воспоставува континуитет помеѓу ова минато и денес. Внатрешната македонска револуционерна организација (ВМРО) ја продолжи борбата против Кралството Србија. Паметен, Тито, кој стана претседател на Југославија, го елиминираше движењето, но го консолидираше македонскиот идентитет: за да има југословенска федерација, требаше да се обединат многу националности!

Во Атина и во Софија приказната е друга. Грците остануваат убедени дека Македонците се Грци и дека „вистинската Македонија“ е солунскиот регион. Компромисот за терминот „Северна Македонија“ ги задоволи и тие не го кочат веќе пристапот на Скопје во Европската Унија. Бугарите, кои мислат дека Македонците се… Бугари, продолжија: Владата во Софија ги блокира преговорите додека надреална мешана комисија од експерти не го натера Скопје да го признае „бугарството“ на земјата.

ВМРО-ДПМНЕ, пред да замине од власт во 2017 година, урбаниот пејзаж на Скопје го преполни со статуи на антички херои и со идеолози на „македонизмот“. Една ултра-националистичка партија во Бугарија го користи истиот акроним, но гласно извикува дека Македонците се само етнички Бугари.

Дали ќе се извлечеме од овој хаос? Северна Македонија, исто така членка на НАТО, ја има поддршката од Франција, чиј претседател штотуку рече дека е подготвен да ги пречека шефовите на влади од Скопје и Софија во Париз за да се финализира решението.


Останати вести од Македонија