Во Струмица синоќа се запалиле два патнички возила, а во настанот нема повредени лица, соопшти Министерството за внатрешни работи за „Скопје1“.

Едно од возилата, „ланд ровер“, е сопственост на поранешен инспектор во СВР Струмица. Од МВР информираат дека пожарот се случил вчера во периодот од 19:30 до 19:45 часот на паркинг-простор пред зграда на улицата „Браќа Миладинови“. Покрај „ланд роверот“, изгорел и „форд“, сопственост на В.Т. (53) од Струмица.

„Пожарот беше изгаснат од страна на Територијалната противпожарна единица Струмица, а повредени лица нема“, велат од МВР. За случајот е известен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица, а на терен извршиле увид инспектор за пожари и екипа на СВР Струмица. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.