Во текот на јуни и јули полицијата реализираше 44 акциски контроли, приведе две лица и заплени 25 забранети рибарски мрежи и 702 парчиња охридска белвица.
Полициската станица за граничен надзор „Охридско Езеро“ во текот на јуни и јули спроведе засилени акции против незаконскиот риболов, при што беа реализирани вкупно 44 акциски контроли во водите на Охридското Езеро.
Во рамки на акциите, полициските службеници затекнале две лица при вршење на кривичното дело „незаконит риболов“. Станува збор за лица од охридското село Пештани и од Струга, кои биле приведени во полициска станица, а против нив се поднесени соодветни кривични пријави.
При контролите биле пронајдени и одземени вкупно 25 таканаречени висечки рибарски мрежи, со вкупна должина од четири километри и 900 метри. Станува збор за мрежи кои се строго забранети за користење при риболов во Охридското Езеро.
Освен мрежите, полицијата запленила и 702 парчиња охридска белвица, со вкупна тежина од 97,1 килограм.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека акциските контроли ќе продолжат и во наредниот период, со цел спречување на незаконскиот риболов и заштита на рибниот фонд во Охридското Езеро. Истовремено, ќе се вршат и контроли за почитување на одредбите од Законот за внатрешна пловидба.
Извор: Плусинфо
