Имотот на Груевски и Мијалков оди на лицитација: Владата очекува милионски прилив
Запленетиот имот на Груевски и Мијалков оди на продажба. Владата одобри нова тура продажба на конфискуван имот поврзан со поранешниот шеф на тајната полиција, Сашо Мијалков и екс премиерот Никола Груевски. Според првичните проценки, со оваа акција се очекува државната каса да се зголеми за најмалку 3,5 милиони евра.
Апартмани во „Панорама Резиденс“ на удар на продажба
Највредни се трите апартмани во елитниот комплекс „Панорама Резиденс“ на Водно, сопственост на Мијалков. Секој од апартманите е проценет на сума блиска до еден милион евра. На пример, еден апартман од 200 квадратни метри со помошна просторија од 45 квадратни метри е проценет на 860.000 евра. Најевтиниот кој е со помала површина ќе се продава по почетна цена од 765.000 евра. Само од овие три апартмани државата би можела да инкасира околу 2,5 милиони евра преку Агенцијата за управување со конфискуван имот.
Парцели, станови и деловен простор како дел од понудата
Продажбата вклучува и осум парцели кај Гевгелија, со почетна вредност од 925.000 евра. Покрај тоа, на лицитација ќе бидат понудени и имоти во Охрид и Скопје. Стан од 90 квадратни метри во Охрид е проценет на 85.000 евра, додека два стана на улицата „Бихачка“ – еден од 57 м² за 63.000 евра и друг од 38 м² за 43.000 евра – исто така ќе се најдат на јавно наддавање.
Државата има амбициозна цел – да наплати вкупно најмалку 29 милиони евра од продажбата на запленетиот имот, главно поврзан со случајот „Империја“, што беше инициран од СЈО во 2018 година. Имотот што се продава вклучува станови, апартмани, гаражи, деловен простор и градежно земјиште, одземени во неколку судски постапки против Мијалков и неговиот братучед, Груевски.
Досегашни наплати и исходи од судските процеси за Груевски и Мијалков
Досега, од Мијалкови е наплатено 332.276 евра преку продажба на три стана и гаража на Водно. Купувач била фирмата „Бест веј инвестмент“, во сопственост на Јордан Мијалков. Самиот Сашо Мијалков, во јули 2022 година, ја призна вината и се спогоди со Обвинителството во рамки на „Империја“, при што доби тригодишна затворска казна и исплати 6,1 милиони евра за својот удел во хотелот Мериот. Истовремено, му беше одземен имот во вредност од околу 30 милиони евра. Пред упатување во затворот во Струга, Мијалков ја смени адресата на живеење од Скопје во Охрид.
Во „Империја“ покрај Мијалков и Орце Камчев како првоосомничени, беа опфатени и 11 други лица за дела како злосторничко здружување, перење пари, измама и злоупотреба на службена положба.
Парадоксални ситуации досега
Парадоксална ситуација која е реалност во македонското правосудство. Пред една и пол година Јордан Мијалков, синот на Сашо Мијалков, ги купи конфискуваните станови на неговиот татко. Целата вест прочитајте ја во продолжение:
Одземениот имот на Сашо Мијалков останува кај Мијалкови
Никола Груевски, од друга страна, во 2018 година ја напушти земјата по објавената затворска казна за случајот „Тенк“ и доби политички азил во Унгарија. Македонските власти по него распишаа меѓународна потерница.
Извор: Фактор