Синот на Сашо Мијалков – поранешниот директор на УБК, Јордан Мијалков преку„Бест веј инвестмент“ е сопственикот на имотот на неговиот татко. Преку фирмата која се занимава со градежништво, трговија и услуги одземениот имот одново се враќа во рацете на фамилијата Мијалкови.

Конкретно, станува збор за станови кои се наоѓаат на Водно, на улицата Славејко Арсов.

Пред неколку месеци овој имот се продаде за вкупна цена од 332.276 евра, но сопственикот не се откриваше. Директорот Дритон Небиу за „Фокус” вели дека тогаш ја немале информацијата.

Продажбата на овој имот поминала без големо наддавање ако се гледа сумата која легнала на државната сметка.

Како што пишува Фокус, имотот бил проценет на 330.200 евра, а бил продаден за само 2.000 евра повеќе. Овде спаѓаат двата стана со површина од по 73 квадратни метри, од Бирото за вештачење беа проценети на вредност од по 101.500 евра, третиот со површина од 78 квадратни метри на 106.800 евра и гаражата од 30 квадрати за 20.400 евра. Оттука се и забелешките дека апартманите се проценети на многу ниска вредност, бидејќи за еден квадрат е барано 1.370 евра, а пазарната вредност на таа локација е до вртоглави 3.000 евра за квадрат.

Инаку претходно, од Агенцијата за управување со одземен имот претходно се спроведе продажбата на вкупно три одземени недвижности од поранешниот шеф на Управата за безбедност и контраразузнавање согласно правосилната пресуда за случајот „Империја“.

– Станува збор за три недвижности кои согласно правосилната судска предуда КОК – ПП бр. 283/2022 се одземени од Сашо Мијалков. Реализираните парични средства од продажбата ќе го зголемат државниот буџет во вкупен износ од 15.000.500 денари или 244 000 евра, информираа од Агенцијата.

Во јули годинава на аукција на берза беа ставени и запленети акции на Мијалков.

Во случајот „Империја“, Сашо Мијалков призна вина и се спогоди со Обвинтелството, а казната беше три години затвор и одземање на имот вреден околу 30 милиони евра, меѓу кои 25 станови и парцелата до хотелот Мериот.