Свечениот настан за доделување на наградите на најдобрите македонски е-трговци за 2023 година ќе се одржи во март 2024 година. На минатогодишниот избор за најдобрите во е-трговијата беа собрани над  93.390 гласови од 6.584 гласачи од јавноста, а беа доделени вкупно 39 награди во 23 категории, наведуваат од АЕТМ.

Започна гласањето за изборот на најдобрите е-трговци за 2023 година „E-commerce Awards 2023“, кој традиционално по трети пат го организира Асоцијација за е-трговија на Македонија – АЕТМ.

Како што соопшија од АЕТМ, изборот за најдобрите домашни е-трговци за 2023 година, ќе се врши во 24 категории поделени во три секции: најдобри е-трговци во одбрани аспекти на онлајн продавање, најдобри е-продавници по сектори и шампиони во е-трговија.

-Процесот за наградување на најдобрите е-трговци започна со номинирање на е-трговците на официјалната веб страница на натпреварот, кој траеше до 10ти јануари 2024, на кој се пријавија 165 е-трговци. Најмногу од компаниите се пријавени за категориите „Е-трговец со најдобра грижа за корисници“, „Е-трговец на годината“, како и „Најпопуларна е-продавница“. По проверка и валидација на сите номинирани согласно Правилникот е-трговците кои ги исполниле условите на натпреварот беа објавени во листата на номинирани е-трговци во соодветните категории на официјалната веб страница на E-commerce Awards. Гласањето е сега отворено за јавноста и сите кои сакаат да го дадат својот глас за нивните омилени е-продавници може да го сторат тоа и да изразат поддршка за нивната работа, наведуваат организаторите.

Едно лице може да гласа само еднаш и при тоа, гласа во категории по сопствен избор и може да даде еден глас во секоја категорија. Две категории се задолжителни за гласање: „Е-трговец на годината“ и „Најпопуларна е-продавница“, додека сите други категории се опционални.

Гласањето од страна на публиката е бесплатно, едноставно и достапно до сабота, 10.02.2024, до крајот на денот.

По завршување на гласањето од публиката ќе следува гласање од стручната жири комисија која се состои од експерти во повеќе области и е составена за да допринесе во изборот на најдобрите е-трговци во сите категории, освен за категоријата ‘Најпопуларна е-продавница’ во која наградата ќе се додели единствено врз основа на бројот на гласовите од публиката.

Одредувањето на победниците ќе се изврши врз основа на утврдена методологија за пресметка, која што е јавно објавена во рамки на Правилникот за наградите за е-трговија, земајќи ги превид гласовите од јавноста и жири комисијата, при што поените од публиката (јавноста) ќе се вреднуваат со 40 отсто, додека поените од жири комисијата со 60 отсто. Секој финалист ќе добие вкупен број на поени кои ќе го одредат неговото рангирање во соодветната категорија.

Свечениот настан за доделување на наградите на најдобрите македонски е-трговци за 2023 година ќе се одржи во март 2024 година. На минатогодишниот избор за најдобрите во е-трговијата беа собрани над  93.390 гласови од 6.584 гласачи од јавноста, а беа доделени вкупно 39 награди во 23 категории, наведуваат од АЕТМ.