Повеќе од 15.000 ученици денес полагаа мајчин јазик, следниот испит е закажан за 11 јуни
Повеќе од 15.000 матуранти денес го полагаа првиот екстерен испит од државната матура – мајчин јазик, кој се реализираше во училишта и факултети низ државата. Дел од учениците полагаа во своите матични училишта, додека други беа прераспределени во амфитеатри на блиските високообразовни установи, каде што има подобри технички услови за спроведување на испитот.
Пред почетокот на испитот, министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска и директорката на Државниот испитен центар, Даниела Михајловска, го посетија Земјоделскиот факултет во Скопје, каде полагаа матуранти од СУГС „Марија Кири Склодовска“. Двете изразија очекувања за повисок степен на објективност и редовност во споредба со минатите години.
– Верувам дека нема да се повторуваат ситуации од минатото, кога цели групи ученици имаа идентични одговори и есеи. Оваа година правилата се построги – изјави Јаневска. Таа потсети дека сите кои ќе бидат фатени во обид за препишување ќе се соочат со санкции, вклучувајќи и забрана за повторно полагање во наредните 12 месеци.
Над 2000 набљудувачи вклучени во надгледување, резултатите најдоцна до јули
Од вкупниот број пријавени, 8.816 ученици се од средни стручни училишта, 5.966 од гимназиите и 222 од уметничките училишта. Вториот екстерен испит, изборен предмет во зависност од образовниот профил, ќе се полага на 11 јуни.
Директорката Михајловска информираше дека за спроведување на матурата ангажирани се над 2.000 набљудувачи и 200 тестатори, со цел да се гарантира фер и регуларен процес. Резултатите од матурата ќе бидат објавени најдоцна еден месец по вториот испит.
Новата концепција за државната матура, која е дел од измените на Законот за средно образование, ќе почне да се применува од следната учебна година, и ќе предвиди посебни испити за стручно, гимназиско и уметничко образование.