Стипендиите „Борис Трајковски“ за двегодишни вонредни постдипломски студии што заеднички ги нудат Европскиот Кампус на Универзитетот Јорк, СИТИ Колеџ, Министерството за образование и наука и Претседателот на Република  Македонија и годинава се достапни за  20 студенти.

Конкурсот за доделување на стипендиите за студии од втор циклус за академската 2023/2024 година е отворен, а заинтересираните до 1 септември ќе можат да аплицираат на една од шесте достапни специјализации – МБА по Општ менаџмент, МБА во Маркетинг, МБА во Финансии, МБА во Логистика и менаџмент, МБА во Управување во здравство и МБА во Управување со човечки ресурси.

Со стекнување на стипендија, кандидатите ќе студираат според Пан-европската извршна МБА програма која претставува меѓународна програма со неограничени можности за вмрежување, специјално дизајнирана за сите кои сакаат да ги подобрат своите вештини и знаења за професионален, кариерен и личен развој и истата е понудена во 8 различни градови низ регионот.

Оваа програма е една од 300те програми акредитирани од Здружението на МБА програми (AMBA) и од Институтот за менаџмент, од Велика Британија (CMI), а вредноста на оваа извршна МБА програма во академскиот свет ја потврдува и заедницата од приближно 4000 учесници и дипломци досега.

Таа меѓу другото нуди и вистинско меѓународно искуство преку три студиски патувања – во Јорк (Велика Британија), во Стразбур (Франција) и во Солун (Грција). Програмата ја предаваат истакнати професори и меѓународни академици од Европскиот кампус на Универзитетот Јорк, СИТИ Колеџ, од Универзитетот Јорк, од Универзитетот во Стразбур, како и други добро признати универзитети ширум светот, и експерти од индустријата со значително професионално искуство.

Покрај врвното образование, стипендистите ќе имаат можност да се стекнат и со двојна диплома, од Универзитетот Јорк и од Факултетот за економија и менаџмент на Универзитетот во Стразбур. И двете образовни институции што ја доделуваат двојната диплома се високо истакнати и рангирани во научниот свет, Универзитетот Јорк е врвен британски универзитет рангиран и Универзитетот во Стразбур претставува престижен француски универзитет од каде имаат произлезено 18 научници наградени со Нобелова награда.

СИТИ Колеџ, Европскиот кампус на Универзитетот Јорк инаку е дел од заедницата на Универзитетот Јорк, водечка британска академска институција, член на престижната Russel група, светски признат по својата истражувачка работа и рангиран на 139тото место во светот според Times Higher Education 2023. Европскиот кампус преку СИТИ Колеџ е лоциран во Солун, Грција, а неговата академска мрежа е воспоставена и распространета во уште 8 земји низ целиот регион со што претставува уникатна меѓународна институција која ги поврзува академските, истражувачките, националните и корпоративните мрежи низ целиот регион.

Заитересираните кандидати за стекнување стипендија „Борис Трајковски“ можат да конкурираат преку следниот линк.