Започнува целосна обнова на стадионот “ССК” во Драчево. Спортскиот терен изграден во 1965-тата кои години наназад беше изоставен од реконструктивни зафати, наскоро ќе добие нов лик. По иницијатива на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски и бројните заложби за овозможување на современи услови за спортистите кои тука тренираат и се натпреваруваат, започнува инвестиција овозможена од ФФМ, која во првата фаза ќе чини 8.5 милиони денари.
-Завршува долгогодишната негрижа за овој спортски терен во Драчево кој во минатото беше едно од спортските одбележја на Општина Кисела Вода. Драго ми е што моите заложби за неопходните реконструктивни зафати што му претстојат на “ССК” вродија со плод и што наидовме на разбирање кај раководството на ФФМ, па за неколку месеци, спортистите повторно ќе го добијат овој простор за себе, но со услови кои се модерни и современи“, вели Ѓорѓиевски.
Стадионот “ССК” добива девет целосно нови соблекувални, нова ограда по целата должина, санација на тревната подлога, комплетно осветлување со нови рефлектори, што ќе овозможи одлични услови за тренинг и за одржување на натпревари на фудбалскиот клуб “ССК”.
„Првата фаза од инвестициониот циклус ќе чини 8.5 милиони денари, за што уште еднаш сакам да се заблагодарам на раководството на ФФМ. Обновата на спортска инфраструктура е поставена високо во листата на моите приоритети како градоначалник и се трудам тоа да им го овозможам на моите граѓани на секој начин-преку инвестирање, преку градење, преку лобирање до надлежните во случај кога друга институција ги има ингеренциите, како што е случајот со “ССК”. Она што го говорам, сакам да го поткрепам и со факти. Имено, во изминатите две години, Општина Кисела Вода и јас како нејзин градоначалник посветивме значаен дел од нашите ресурси во инвестирање во спортската инфраструктура што резултираше со преку 10 спортско-рекреативни центри, дел од нив некогашни култни спортски локации. Се надевам дека и обновата на ССК ќе роди нови спортски ѕвезди, чии успеси сите ќе не направат горди-изјави грaдоначалникот Ѓорѓиевски при денешниот увид во градежните работи на стадионот “ССК”.