Помина полноќ. Македонија влезе во претседателската кампања која е зачинета со парламентарните избори кои се поклопуваат со вториот круг на претседателски избори. За оние кои не знаат да повториме: Прв круг претседателски избори се на 24 април (среда), втор круг претседателски избори заедно со парламентарни избори 8 мај (среда).

Пишува: Никола Николовски

Следните 20 дена (па и повеќе) ќе бидат за некому омилени, за некому кошмар. Омилени за печатниците и медиумите кои ќе наполнат пари, комшмар за партиските активисти кои ќе киснат на терен.

Поточно, ќе бидеме сведоци на: билборди, митинзи, ТВ реклами, средби со граѓани, пропаганди, гужви пред штабови, ветувања кои претежно се лажни. Истите тие кои направиле да сме во ова дно ќе не‘ убедуваат дека е сјајно и се‘ ќе биде по старо.

Во следниов месец ќе видиме два вида на политички активисти: Едни од лична корист (претежно повозрасни луѓе кои партијата ја гледаат како место за приход) и уште едни, поретки идеологисти, но сепак кои постојат (претежно млади дечки полни со ентузијазам). Овие вториве ги почитувам.

Порано, кога сум ги гледал работиве како дете сум велел: „Уаа политичари преваранти“. Сега пристапот ми е поинаков. Не дека не се преваранти, но единствен начин за излез од безизлезноста е политичко активирање и желба за промена на нештата. И да не успееме, барем да пробаме. Можеби грешам, но со седење дома со скрестени раце и со игнорирање на тоа дека има избори им правиме услуга на криминалците. Затоа од старт ви кажувам: На следните избори едно е важно – излези и гласај!

Нѐ очекува гадна, „прљава“ кампања. Ќе дознаеме кој и што договарал во четири очи, кој каква швалерка има, матни тендери и што сѐ не. Не сакам да е така, но сите знаеме какво поднебје е Балканот и дека политичарите и живи луѓе газат за да стигнат до власт.

Сепак, да гледаме и на „позитивната страна“: Ќе се наполниме со упаљачи, маички, пенкалца, тефтерчиња (уште имам од ВМРО дома), програми кои ќе се најдат за потпалување во зима, а ако се дарежливе партииве можда и локум ќе земеме. Како што почастија СДСМ пред 10-ина година.

Како и да е, посакувам успешна кампања на сите политички субјекти. Нека биде фер и коректна.

Боемот 2.0