Со симболично осветлување на зградата на Општина Струмица во портокалова боја, синоќа беше означен официјалниот почеток на глобалната кампања насловена „16 дена активизам против насилството врз жените“.
Локалната самоуправа соопшти дека преку оваа иницијатива активно се приклучува кон меѓународните напори за искоренување на сите форми на агресија и дискриминација.
Во рамки на планираната програма, Општината ќе реализира едукативни работилници, јавни акции за сензибилизација на јавноста, како и серија активности за зајакнување на комуникацијата меѓу институциите, граѓанските здруженија и стручните лица ангажирани во системот на заштита.
„Општина Струмица има и конкретна, континуирана улога во системот на поддршка на жртвите. Таа е директен партнер на Шелтер центарот за заштита на жени жртви на семејно насилство и го обезбедува просторот во кој функционира Психосоцијалното советувалиште. Оваа поддршка ќе продолжи и во иднина, со цел жените кои се соочуваат со насилство да имаат пристап до соодветна помош, советување и поддршка“, се наведува во соопштението.
Фокусот на оваа локална кампања ќе биде ставен врз подигнувањето на свеста на граѓаните, навременото препознавање и спречување на насилството, но и врз унапредувањето на институционалните механизми за превенција.
Меѓународната кампања „16 дена активизам“ традиционално се одвива од 25 ноември, кога се одбележува Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените, па сè до 10 декември, Меѓународниот ден на човековите права.
