Скопското обвинителство кое го застапува случајот, шестемина обвинети ги товари за кривичното дело „Учество во толпа која ќе изврши кривично дело согласно член 385 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик”. Според одредбите од овој член обвинетите може да се казнат од шест месеци до пет години казна затвор.

Од 7 обвинети (Бехар Далипи, Артан Садики, Фабио Идризи, Бесарт Калиси, Шабан Весели, Бетим Касами, Башким Сула) 5 се присутни во судницата, на еден од нив не му беше дозволен влез во судницата поради високата температура, додека друг е недостапен за органите на прогонот. Во салата се присутни и полицајци повредени на протестите.

Судењето за настаните на 26 февруари во Скопје, ќе го води судијата Марин Станевски, а застапник на обвинението е јавната обвинителка Марија Демирова – Панајотова.

Според Обвинителството, обвинетите на 26 февруари, како учесници на јавниот собир на граѓани во Скопје – протест за пресудата во предметот „Монструм“, биле дел од толпата која со заедничко дејствување сторила насилства кон полициски службеници и други присутни лица. Обвинетите и други засега непознати лица започнале заеднички да дејствуваат кон полициските службеници, фрлајќи со камења, бекатон плочки, метални шипки и други предмети, во обид да го пробијат полицискиот кордон. Како резултат на ова, со тешки телесни повреди се здобил новинар присутен на местото на настанот, а повредени биле и 11 полициски службеници.