Дамева обвини за притисоци и си даде оставка

Весна Дамева си даде оставка од претседателската функција, но останува во Судскиот совет. Заминувањето од челната позиција доаѓа на неколку дена пред истекот на нејзиниот мандат, но по најавите на премиерот Мицкоски за реформи во правосудството.

Пред само една година таа водеше битка дека незаконски била разрешена, а сега самата се повлекува. Дамева се жали дека е нарушен нејзиниот углед, се жали од дел од медиумите, но и дел од пратениците од Собранието. Вели дека имала континуирани напади, имала недоволен кадар, а обвинува и за нерешениот статус на административците.

Сепак, Дамева иако сега зборува дека требала да остане уште осум месеци пред само неколку дена доби лекција по право од истакнат адвокат. Тој ги поби нејзините тези. Текстот може да го прочитате во продолжние.

Argumentum a contrario: Шефицата на судскиот совет Дамева доби лекција по право од скопски адвокат

Кој ќе биде нов претседател на судскиот совет?

Двајцата членови на судскиот совет Лорета Ѓорѓиева и Александар Камбовски денеска не присуствуваа на денешната вонредна седница, па затоа денеска не се дискутираше за избор на нов претседател. За ова прашање ќе се одлучува на следната седница.

Владата со реакција

Од Владата децидни дека ова ѝ е единствената исправна одлука на Дамева. Оттаму велат дека има огромни сомнежи за криминал, фалсификати и се свесни дека ќе има многу засегнати страни. Сепак, велат дека правдата еднаш засекогаш мора да профункционира.

По огромните забелешки за работата на претседателката на судскиот совет, Весна Дамева единствената можна и исправна одлука е нејзината оставка, соопштуваат од Владата.

Албанскиот блок со коментари

Партиите од албанскиот политички блок бурно ја искоментираа ваквата оставка на Дамева. Од ДУИ обвинуваат за политички притисоци од власта и упатија апел до меѓународните институции внимателно да ја следат состојбата во Судскиот совет. Од коалицијата „Вреди“ пак, соопштението на ДУИ го коментираат како „крокодилски солзи“, а потсетуваат и за тамошните релации со Селим Адеми кој бил во својство на потпретседател, а е член на ДУИ.

Владата со реформи во правосудството

Судството чиј рејтинг беше само 2 отсто долги години наназад беше една од клучните теми во предизборието. По ваквата оставка веројатно премиерот Христијан Мицкоски и Владата почнуваат да ги прават долгонајавуваните реформи во правосудството и дека конечно правдата во оваа држава ќе почне за сите да функционира.