Протокот на гас низ гасоводот Северен тек 1 падна на нула, стои на веб страницата на управата со гасоводот. Најавена е контрола на гасоводот, но постојат стравувања дека Русија потоа веќе нема да ја отвори славината.
Гасоводот Северен тек 1 во наредните десет дена би требало да бидат проконтролиран и во тој период нема да се користи за транспорт на гас. Според најавата, би требало да се проверат сигурносните системи, снабдувањето со струја, заштитата од пожари, како и вентилите за затворање и изолација. Ќе биде направен и апдејт на софтверот.
Во Германија и западна Европа постојат стравувања дека рускиот концерн Гаспром можеби по истекот на рокот за контрола на гасоводот веќе нема да ја отвори славината за гас. Гаспром во јуни значително го намали количеството на гас кој минува низ гасоводот со образложение дека има технички проблеми. Германската влада смета дека за намалувањето на протокот на гас има политички мотиви. Поради неизвесноста околу снабдувањето со гасот истекот на рокот за инспекција на гасоводот на 21 јули, Германија е насочена кон итен план во случај на комплетно затворање на славината за гас од руска страна.
Сојузната министерка за надворешни работи Аналена Бербок денеска (11.07) изјави дека ќе се преземе сѐ што е можно „за да се направат подготовки со цел прашањето на топлина во претстојната зима да не доведе до поделба во општеството“.
Според неа, токму тоа е целта на хибридната војна на рускиот претседател Путин. Германската влада нема да дозволи снабдувањето со енергија да се претвори во социјално прашање, нагласи Бербок.