Планирани се едукативни и општествено-одговорни активности со кои трите пензиски друштва сакаат преку примери да им покажат на младите дека секоја денешна постапка може да биде инвестиција за иднината.

Еден од новитетите во кампањата се создавањето на т.н. пензиски паркови во четири средни училишта и тоа СУГС „8ми Септември“ во Скопје, СОСУ „Св.Кирил и Методиј“ во Охрид, СОУ „Кочо Рацин“ во Свети Николе и СМУГС ,,Д-р Панче Караѓозов” во Скопје.

– Оваа година кампањата ја насочивме кон активирање на промени за еколошки и социјални цели, за да ги поттикнеме, мотивираме и инспирираме младите генерации, со цел поставување нови стандарди за подобра и поквалитетна средина за живеење. Би сакале оваа наша активност да прерасне во традиција која сите ќе ја негуваме, изјави Весна Стојановска, генерален директор на КБ Прво пензиско друштво а.д. Скопје.

Организаторите истакнуваат дека ова е само почеток и дека тенденцијата е ваквите активности да станат редовна пракса и да се опфатат што е можно повеќе училишта низ државата.

– Симболиката на оваа кампања е во уделот кој крајните корисници го имаат во планирање на сопствениот живот и иднина. Велат, ако размислувате долгорочно засадете дрво, а ако размислувате уште подалеку, тогаш едуцирајте ја младината. Токму затоа, ние како пензиски друштва со активна поддршка од МАПАС, се посветивме на изнаоѓање креативни начини за продлабочување на свеста на младите за обезбедување на материјална сигурност, рече Маријан Николовски, член на Управниот одбор во Триглав пензиско друштво а.д. Скопје.

Според членот на Управниот одбор на Сава пензиско друштво Петар Талески, она што е потребно е вториот и третиот пензиски столб да бидат поразбирливи за граѓаните за да се поттикне свеста за долгорочното штедење.

– Реформата на пензискиот систем секогаш е актуелна тема, од моментот кога се појави на националната сцена во 2002 година, па сѐ до денес, кога пензиите се гледаат како клучен елемент на заштеда. Она што е потребно за во иднина е вториот и третиот пензиски столб да станат поразбирливи и поприемчиви за граѓаните, за да се формира свест и навика за долгорочно и посветено штедење кај поединците, но и кај деловните субјекти, истакна Талески.

Сите информации и активности поврзани со кампањата „Засади желба, за поубава иднина!“ ќе бидат достапни на веб страната www.penzija.mk

Едукативни и информативни кампањи за придобивките од членувањето во задолжителниот и доброволниот пензиски фонд се организираат веќе шест години наназад од страна на трите пензиски друштва.