Минатата недела, Фајзер соопшти дека планира да побара од регулаторите на САД да дозволат засилувачка доза вакцина на компанијата против Ковид-19, поради докази за зголемен ризик од зараза шест месеци по аплицирање на втората доза од вакцината и по информациите за ширење на Делта мутацијата.

Портпарол на американското Министерство за здравство изјави дека властите и Фајзер ја следат ситуацијата и ќе продолжат да разговараат дали и кога ќе биде потребна засилувачка доза. За потребата од ваква доза се дискутираше откако стана јасно дека во многу земји доминантна варијанта на коронавирусот е веќе Делта мутацијата и се појавија сомнежи дали постојните вакцини обезбедуваат доволна заштита од неа.