Франција како претседавач со ЕУ со засилен ангажман за олеснување на разговорите помеѓу Скопје и Софија со цел тргање на ветото и старт на преговорите. По разговорите викендов на ниво на министри за надворешни работи властите во земјава се охрабрени дека ако има добра волја има простор за решение, но бе преголем оптимизам. Софија пак, смета дека треба да работи на убедување на европските партнери дека бугарските ставови во спорот со Скопје, треба да станат ставови на ЕУ.
Премиерот Димитар Ковачевски, вчера изјави дека Франција како претседавач со ЕУ ги олеснува разговорите помеѓу двете страни, но не постои конкретен предлог на маса, додека Скопје и Софија треба да изнајдат решение за отворените прашања.
– Франција е претседавач со ЕУ и јас го гледам залагањето на претседавачот со ЕУ, на претседателот на Франција и на француското МНР оваа тема да се стави високо на агендата на претседателствувањето на Франција со ЕУ. Во рамките на нивните ингеренции и капацитет тие помагаат во фасилитирање на разговорите помеѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија, меѓутоа не постои конкретен предлог на маса којшто ќе каже ова е тој предлог, бидејќи сепак треба ние да изнајдеме решение како соседи што ќе биде навистина основа за да можеме да градиме добрососедски односи и да претставува основа за одржување на прва меѓународна конференција за нашата држава со ЕУ, рече Ковачевски по посетата на фабриката „Таб Мак“ во Пробиштип.
Тој вели дека во изминатите 30 дена се шпекулирало дека има решение и дека некој го криел тоа решение и го повтори ставот дека во моментот кога ќе има решение што е прифатливо за двете страни, кое се базира на европските вредности и го задржува достоинството на политичарите, институциите и граѓаните на двете држави ќе може да биде споделено со институциите.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи во гостување на Сител телевизија потврди дека нема конкретен француски предлог, но рече има голем ангажман од француското претседателство и личен интерес од страна на претседателот на Франција Емануел Макрон. Како што посочи Османи, Република Франција во овој период се обидува да го тестира расположението на сите земји членки, при тоа имајќи јасен свој став во процесот. Но, нагласи тој, ние не оставаме ништо на случајноста и секојдневно го информираме француското претседатлство за ставовите, ризиците, варијантите и за можностите.
– Се уште нема предлог од француското претседателство што дава некакви насоки дали може нешто да биде во делот на човковите права, како услов во преговарачката рамка. Правиме максимално што можеме од наша страна, меѓутоа не зависи само од нас, дециден е Османи.
Според него, точно е дека Република Бугарија бара сите прашања да се ставаат како некакви услови во преговарачкиот процес, додека нашата позиција е дека Договорот е билатерален и така треба да се реши, а европскиот процес не треба да биде платформа за решавање на билатерални прашања.
Во врска со работната посета на неговата бугарска колешка Теодора Генчовска и дводневни интензивни разговори кога прв пат беа споени експертските тимови заедно со политичкото ниво на соработка, оцени дека била една од подобрите средби што ги имале досега во конструктивна атмосфера. Состанокот ги охрабрил двете страни да се обидат овие денови да ги искористат до максимум за да се изнајде одржливо решение. Доколку има доволно волја, има можност и простор да се најде решение, но, вели, не може да го предвиди исходот.
Бугарскиот вицепремиер и министер за финансии, и копретседавач на Промената продолжува (ПП), Асен Василев во изјава за софиската Нова ТВ рече дека пораката што Софија ја добива од европските партнери е да седне со властите во Скопје и да постигне договор за откочување на пристапниот процес на земјава во ЕУ.
– Првиот чекор за да започнеме со ослободување на процесот, во основа е да ги убедиме нашите европски партнери дека не е Бугарија таа што треба да се разбере со Република Северна Македонија, туку дека ЕУ треба да се разбере со Република Северна Македонија. Тоа значи дека ЕУ треба барем делумно да го прифати бугарскиот став дека има проблеми со говорот на омраза, со проблемите на Бугарите во Република Северна Македонија. И кога ЕУ ќе го прифати ова, проблемот ќе биде меѓу ЕУ и Република Северна Македонија, а не меѓу Република Северна Македонија и Бугарија. Се додека немаме поширок ангажман и прифаќање на нашиот став, нема начин Бугарија да го укине ветото, нагласи Василев.
Андреј Ѓоров, раководител на пратеничката група на ПП – најголема партија во бугарскиот парламент на премиерот Кирил Петков, смета дека прашањето за повлекување на ветото за приклучување на Северна Македонија во ЕУ не треба да оди на референдум, за што се залага бугарскиот претседател Румен Радев и оти тоа зависи од конкретни дејствија и гаранции од Европа и од Северна Македонија.
Во изјава за БНР, тој вели дека ако има промена на таквата позиција на Бугарија, тогаш за неа ќе биде потребна заедничка одлука во парламентот, во владината коалиција, но и надвор од неа во рамките на Соевтодавниот совет за национална безбедност.
Средба со министерката за надворешни работи на Генчовска имаше и лидерот на ДУИ, Али Ахмети кој при тоа изјави дека секое одложување на решавањето на спорот меѓу Скопје и Софија оди на штета на бугарската заедница во земјава. Како што соопштија вчера од партијата, тој ги покани бугарските власти да ја зголемат меѓусебната доверба и да работат заедно за позитивен епилог на билатералниот спор преку стеснување на просторот за дејствување на агенди во земјата и регионот кои не се совпаѓаат со нашите западни определби.
-Итното затворање на овој спор ќе биде од корист за бугарската заедница во нашата земја, регионот и Европа, но секако без да се загрози националниот и јазичниот идентитет на нашите сограѓани, нагласил Ахмети.