Се проверува дали и колку операторите со храна ги исполнуваат општите и посебните услови за безбедност на храната, означувањето и заштитата на потрошувачите од измама. Контролите се спроведуваат во маркетите, специјализираните продавници за јајца, месарниците и зелените пазари.

Според АХВ, со досега спроведените контроли не се утврдени недоследности кај производителите, увозниците и трговците со јајца и бои за јајца, кај кои покрај усогласеноста со одредбите на Законот за безбедност на храна, се контролира и спроведувањето на Правилникот за адитивите кои се употребуваат во производството на храна. Домашните производители на бои за јајца ги имаат имплементирано правилата на Добра производствена и Добра хигиенска пракса во производството, односно, боите кои ги произведуваат се безбедни.

– Како одговорна институција за безбедноста на храната, апелираме до граѓаните да купуваат храна, вклучително и јајца и бои за јајца исклучиво од регистрирани производители/увозници, кои се соодветно означени/декларирани. Секоја недоследност во поглед на безбедноста на храната, вклучително и на производството и трговијата со јајца и боја за јајца граѓаните можат да ја пријават во Агенцијата, лично, телефонски на бесплатниот телефонски број 0800 3 22 22, или електронски на info@fva.gov.mk, наведува АХВ.

Инспекциските служби на АХВ во првиот квартал годинава спроведоа приближно 12 илјади контроли. Изречени се 1902 мерки (1040 решенија за отстранување на утврдени недоследности, 778 едукации, 11 прекршочни и поднесени се 15 кривични пријави). Забранети за увоз се по една пратка со храна од животинско и од неживотинско потекло. Уништени се повеќе од 67 тони небезбедна храна, од животинско и од неживотинско потекло, најголемиот дел од самите оператори, 44,1 тон и 22,9 тони од страна на инспекциските служби на АХВ.