Мексико се смирува по смртта на водачот на картелот „Нова генерација Халиско“
Ситуацијата во Мексико постепено се нормализира по ескалацијата на насилствата што следуваа по смртта на водачот на картелот „Нова генерација Халиско“, Немесио Осегера Сервантес, познат во подземјето како „Ел Менчо“. По инцидентот, властите распоредија илјадници војници со цел да ја зацврстат безбедносната состојба во земјата. Потврдено е дека се отстранети повеќе од 250 блокади поставени од картелите во 20 сојузни држави.
Властите со засилени мерки за безбедност
Претседателката на Мексико, Клаудија Шајнбаум, порача дека приоритет е обезбедувањето мир и сигурност за сите граѓани. „Најважно во овој момент е да се гарантира мирот и безбедноста на целото население, на целото Мексико. И тоа се прави. Денес има повеќе мир, има влада, вооружени сили, кабинет за безбедност и има голема координација“, изјави Шајнбаум.
Туристите сведочат за стравот
Во меѓувреме, дел од туристите кои привремено беа блокирани поради насилствата започнаа да се враќаат во своите земји. Тие раскажуваат за драматичните моменти што ги доживеале за време на немирите.
„Бев во сместувањето, тргнав кон базенот кога слушнав бум, мислев дека е огномет. Но, беше автомобил што експлодираше до одморалиштето. Пепел паѓаше насекаде и врз мене. Сега сме безбедни, но бевме исплашени, среќни сме што се враќаме дома“, изјави Ксавиер Куберо – американски турист кој се враќа од Пуерто Ваљарта.
„Ел Менчо“ беше застрелан во престрелка со војската во Халиско, а подоцна почина во притвор. По неговата смрт, картелот возврати со бран насилства, блокади и палење возила, при што животот го загубија повеќе од 70 лица, меѓу кои и 25 припадници на безбедносните сили. Осегера Сервантес важеше за еден од најбараните криминалци во светот, со награда од 15 милиони долари што ја понудија Соединетите Американски Држави за информации што би довеле до негово апсење.
Извор: МРТ
