Груби сместен во притвор под засилено обезбедување
Уапсениот бегалец Артан Груби од ДУИ, поранешен вицепремиер обвинет за проневера на над 8 милиони евра во случајот „Државна лотарија“, по предавањето утринава околу 6 часот на граничниот премин Блаце е спроведен во притвор и сместен во затворот „Скопје“ во Шутка, под засилени безбедносни мерки.
Според информации од затворските власти, тој е распределен во посебна просторија со уште еден притвореник – Македонец, при што одлуката била донесена од безбедносни причини. Пред неговата ќелија е обезбедено 24-часовно присуство на службите.
Изјава за чувство на небезбедност
Од затворот „Скопје“ за САКАМДАКАЖАМ.МК информирале дека пред задолжителниот лекарски преглед, Груби бил прашан дали се чувствува безбедно и дали постојат лица кои би можеле да претставуваат закана за него.
„Притвореното лице Артан Груби одговори дека не се чувствува безбедно. На прашањето од кого, посочи дека практично од сите, бидејќи, како што рече, ‘и сами гледате, сè е против мене и сите се против мене’. Дополнително наведе дека се чувствува небезбедно од одредени лица етнички Албанци за кои имал сознанија дека се наоѓаат во притвор во овој затвор, поради што е сместен со цимер Македонец. Во просторијата нема да има други лица“, соопштиле од безбедносните служби.
Истрага и останати осомничени во предметот
Груби од граничниот премин Блаце веднаш бил спроведен во притвор. Пред судија на претходна постапка ќе се појави само доколку побара повторување на постапката што заврши во декември 2024 година, откако ја напушти државата и замина во Косово. Тој бил во бегство една година и два месеца.
Во истиот предмет осомничен е и Прпарим Бајрами, претседател на Управниот одбор и генерален директор на „Државна лотарија“, кој и понатаму е во бегство.
Артан Груби (48) бил баран со меѓународна потерница по отворањето на истрагата за наводна проневера од 8,2 милиони евра од Државната лотарија. Обвинителството побара притвор за кривично дело „проневера во службата“ по член 354 од Кривичниот законик.
Во предметот се опфатени уште четири лица, осомничени како претседател и членови на комисии за два одделни јавни повика. Постои сомнение дека ги злоупотребиле службените овластувања и спровеле јавни повици за пренесување на правото за приредување електронски и интернет игри на среќа, иако знаеле дека таква постапка не смеела да биде реализирана.
Од затворот посочуваат дека за евентуални посети од семејството и одбраната не се надлежни, туку дека ќе важат одлуките, дозволите и ограничувањата што ќе ги донесе надлежниот судија во случајот „Државна лотарија“.
