Од Министерството за внатрешни работи информираат дека вчера и завчера за влез и излез од земјава се регистрирани вкупно 35.607 возила. Од нив 23.494 автомобили биле за влез, а 12.113 возила ја напуштиле државата.
Бројот на влезови и излези и денеска е голем, повеќе од 15 илјади. Најмногу сообраќај во последните денови има на граничниот премин Табановце. Голем е бројот на македонските граѓани кои се на работа во странство, а новогодишните празници планираат да ги поминат во татковината.
Граничната полиција информира дека долгото чекање на граничните премини се должи на протоколите, каде на граѓаните дополнително им се проверуваат документите за целосна вакцинација со две дози или ПЦР тест.Од МВР велат дека на граничните точки се отворени повеќе шалтери за влез во земјава.