Застој во гласањето во Ново Село – повлечен гласачки материјал

Застој во гласањето се случи во Општина Ново Село, каде што болните и изнемоштените лица денеска не можеа да го остварат своето избирачко право. Причината е погрешно испечатени гласачки ливчиња со сменети редни броеви на двајца носители на советнички листи, што го наруши текот на изборниот процес.

Избирачките одбори утрово не тргнале кон домовите на пријавените болни и изнемоштени лица, бидејќи бил забележан проблем со гласачкиот материјал. 
Во Општина Ново Село за ова гласање биле пријавени околу 400 лица кои, поради здравствени причини, не можат да гласаат утре на избирачките места.

Интервенција од ДИК

Откако бил пријавен проблемот, Државната изборна комисија реагирала и го повлекла гласачкиот материјал за советници. Од таму соопштија дека се печати нов материјал кој повторно ќе биде дистрибуиран до избирачките одбори.

„Сите болни и изнемоштени лица ќе го остварат своето право на глас, откако ќе се достави новиот материјал“, информираа од ДИК.

Во струмичкиот регион вкупно 1.308 болни и изнемоштени лица поднеле пријава за гласање предвреме. Денеска гласањето се спроведува во Општина Струмица со 514 лица, во Босилово со 232, и во Василево со 162, додека во Ново Село истиот процес е привремено прекинат.