Амбасадата на САД во главниот град на Хаити, Порт-о-Пренс, објави дека од денеска е затворена поради неодамнешното пукање во нејзина близина.

Исто така, оттаму најавија дека го ограничиле движењето на нивниот персонал во комплексот на амбасадите до следното известување.

„Некои рути до амбасадата може да бидат загрозени поради пукотниците“, предупреди американската Амбасада, пренесена од британските медиуми.

Затворањето на американскиот дипломатски комплекс доаѓа по вчерашните зголемени тензии на протестите во Порт-о-Пренс кога демонстрантите се судрија со полицијата, барајќи заштита од насилните банди.

Бандите на Хаити киднапираат и убиваат луѓе во се поголем број, додека истовремено се уништува здравствениот систем.

Според податоците на Обединетите нации, за околу 5,2 милиони жители на островската држава е потребна хуманитарна помош, што е речиси половина од населението на Хаити.