Полскиот министер за здравство Адам Неџелски е разрешен од должноста, соопшти денеска премиерот Матеуш Моравјецки, пренесе агенцијата ПАП.

Причина за смената на министерот е скандал што самиот го предизвикал, откако открил детали за рецепт што му го препишал лекар кој се појавил во телевизиски прилог критички настроен кон Министерството за здравство, пренесоа британските медиуми.

Случајот е проблем за владејачката националистичка партија „Право и правда“ (ПиС), бидејќи се случува во време кога се подготвуваат за претстојните парламентарни избори на 15 октомври, иако самото разрешување на Неџелски, кој е поранешен директор на Националниот фонд за здравство, за многумина е очекувано.

-Сега сме во предизборен период кога треба да бидеме особено чувствителни на какви било грешки, рече Моравјецки на прес-конференција.

Неџелски со покажувањето на рецептот предизвика незадоволство кај лекарската фела и, како што се тврди, меѓу многу негови сопартијци. Со тој чин, министерот имаше за цел да разоткрие лекар кој зборуваше во телевизиски прилог во кој ги истакна проблемите со препишувањето на одредени лекови против болки кои настанаа по промените направени од Министерството за здравство.

По скандалот Вишата лекарска комора на Полска му соопшти на премиерот дека лекарите ја губат довербата во министерот за здравство и ги известија обвинителите дека можеби сторил и кривично дело.

На местото на Неџелски доаѓа пратеничката на ПиС и докторка Катажина Суика.