Навивач на англиската фудбалска репрезентација кој емитуваше видео стрим на својот Фејсбук профил додека во живо испраќаше расистички навреди кон репрезентативците Маркус Рашфорд, Џејдон Санчо и Букајо Сако по финалето на ЕУРО2020, е осуден на казна затвор од десет недели.
Цел на навреди на 52-годишниот Џонатон Бест беа тројцата англиски фудбалери, кои биеја непрецизно од белата точка во пенал серијата против Италија на лондонски „Вембли“.
Бест е осуден од страна на лондонскиот Суд за прекршоци, откако призна дека е виновен за испраќање навредливи или непристојно пораки преку социјалните мрежи, соопшти Британското државно обвинителство (ЦПС).
– Додека мнозинството од нацијата беше горда бидејќи „Трите лавови“ стигнаа до своето прво меѓународно финале по повеќе од 50 години, Џонатон Бест ги користеше социјалните мрежи за јавно да ги оцрни овие три момчиња, посочи во соопштението ЦПС.