-Драго ми е што пред четири месеци пред рокот ја завршивме изградбата на експресниот пат Штип-Радовиш. Ова е пример како се работи на терен и како се реализираат капиталните инвестиции, истакна министерот Благој Бочварски при денешната посета на населеното место Три чешми во Штип.
Градежните работи на последната делница од Три чешми до обиколница Штип се завршени, со што се комплетира изградбата на експресниот пат од Штип до Радовиш. Од денеска делницата Три чешми – обиколница Штип е пуштена за сообраќај за сите возила под времен режим.
Вкупната должина на овој патен правец изнесува 40 километри и се грaдеше во две фази и тоа првата фаза од Штип до Бучим која е во должина од 23,5 километри и вредност од 48 милиони евра, додека втората фаза, делницата Три Чешми до Штип – Југ и од Бучим до Радовиш е со должина од 17 километри и инвестиција од 14,9 милион евра.
-Веќе најавив дека завршувањето на овој експресен пат се случува четири месеци пред рокот. Драго ми е што и во текот на декември се уште гледаме механизација на терен, се уште се асфалтира а тоа значи дека и капиталните инвестиции во државата растат. И вториот аспект што сакам да нагласам е дека се реконструира и асфалтира и помошниот пат на излезот од Штип за да го вратиме во првобитната состојба. На барање на жителите на Три чешми, одговоривме позитивно и заедно со тимот инжењери од ЈП за државни патишта, од Министерството и од изведувачот и надзорот веќе го градиме ислучувањето, така што имаме едно модерен и безбеден патен правец, изјави Бочварски.