Заврши амандманската расправа за ребалансот на буџетот. Ниту еден од амандманите на опозицијата не беше прифатен, а дел беа повлечени од предлагачите, објави Сител.
Комисијата прифати два амандмана од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ за исплата на 318 милиони денари за изборната администрација и 32 милиони денари за платено политичко рекламирање.
За опозициските предлози, власта рече дека се комични и се однесуваат на проекти кои веќе се реализираат или немаат никаква врска со состојбата на терен.
„Не е проблемот што вие сте сакале да поднесете амандмани за да не бидете без ништо на амандманската расправа. Проблемот е што вие вака се однесувавте и додека бевте на власт. Исто на овој начин. Поднесувајќи амандмани за болници кои не постојат, замислете. Болница не постои, поднесен амандман, па уште се бара и гинеколог да се вработи“ – Бојан Стојаноски, ВМРО-ДПМНЕ
„Вие тотално не знаете кај се наоѓате, што работите, која ви е обврската, ама легитимитет сте имале, народот ве гласал. И тој што ве гласал, пишман се сторил, сигурна сум. Дури мислам дека и вие сте пишман што овде мора да седите и да не слушате“ – Дафина Стојаноска, ВМРО-ДПМНЕ
Од Европскиот фронт го нарекоа ребалансот нелигитимен, нереален и популистички и ги повикаа пратениците да гласаат против.
„Ако мислите да продолжиме во изградба на ваквата демократија и социјалната кохезија, треба да ја прифатите сериозноста на ситуацијата и да гласате против ребалансот на буџетот. Нашата држава, односно нашите граѓани, заслужуваат повеќе. Не, благодарам“ – Арбана Пашоли, Европски фронт
Ребалансот треба да биде официјално изгласан следната недела. Државата годинава планира да потроши рекордни 5,8 милијарди евра, или 300 милиони евра повеќе од постојниот буџет.
Министерката за финансии при презентацијата на измените кажа дека се обезбедени пари за се што било предвидено со закон, а немало планирано средства, односно пари за вработените, пензионерите, студентите, компаниите.