Со приложување на писмените искази на сведоците на Обвинителството и одбраната, дадени при првото судење, заврши доказната постапка за трагичниот пожар во модуларната болница во Тетово, кој се случи на 8 септември 2021 година и однесе 14 човечки животи.

Обвинети во случајот се Флорин Бесими, Артан Етеми и ЈЗУ Клиничка болница Тетово, како правно лице, за кривичното дело „тешки дела против општата сигурност“, пренесува СДК.

Судијата Реџеп Муса констатираше дека доказната постапка е завршена и за следното рочиште, закажано за 12 мај 2025 година, ги повика Обвинителството и одбраната да ги дадат завршните зборови.

Иако одбраната побара препис од електронските докази, судот го одби барањето со образложение дека тие веќе биле репродуцирани. На барање на двете страни, судењето е одложено за да им се овозможи дополнително време за подготовка.