– Народната банка на Република Македонија учествуваше во сите активности во рамките на Програмата, што придонесе за зајакнување на нејзините институционални капацитети во повеќе области. Од особена важност беа билатералните мерки кои ја интензивираа соработката со повеќе централни банки на ЕСЦБ, инфирмираше НБ по денешниот настан по повод завршувањето на Програмата финансирана од Европската Унија.
Корисници на Програмата се и Банката на Албанија, Централната банка на Босна и Херцеговина, Агенцијата за банкарство на Босна и Херцеговина, Агенцијата за банкарство на Република Српска, Централната банка на Република Косово, Централната банка на Црна Гора и Народната банка на Србија.
Програмата имаше за цел натамошно зајакнување на институционалните капацитети на институциите кои се крајни кориснички, преку зајакнување на нивните аналитички алатки и политики, како и воведување на најдобрите меѓународни и европски стандарди во нивните националните практики. За програмата, Европската Унија издвои 2 милиони евра од Инструментот за претпристапна помош (ИПА2).
– Оваа програма е врвен пример за пристап на вистинска соработка од страна на ЕСЦБ. Со заедничко и обединето делување, ЕСЦБ докажа дека е силен партнер во централнобанкарската заедница, подготвена да им помогне на нашите колеги од Западен Балкан во нивните напори за постигнување највисоки стандарди за доброто на своите економии и население, истакна професорот Јоаким Вирмелинг, член на Извршниот одбор на Германската сојузна банка на последниот состанок на Управниот комитет на Програмата и денешниот завршен настан.
Флоријан Хаузер, лидер на тимот во Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување на Европската комисија, посочи дека Програмата претставува важен придонес за унапредувањето на економското управување во Западен Балкан. Таа ја поддржува подготовката на централните банки од Западен Балкан за нивната интеграција во Европскиот систем на централни банки.“
Во период од 33 месеци, Германската сојузна банка, деветнаесет национални централни банки и ЕЦБ организираа интензивна регионална програма за обука за клучните прашања од областа на централното банкарство и супервизијата, при што се одржаа 20 обуки за 360 експерти. Обуката, пред сè, ги опфати областите од банкарската супервизија, финансиската стабилност, заштитата на потрошувачите на финансиски услуги и финансиската инклузија, закрепнувањето и решавањето на банки, монетарната политика, платните системи, статистиката, усогласеноста со регулативата и европската интеграција, сметководството и внатрешната ревизија.
Беа одржани и две работилници наменети за носителите на одлуки за решавањето на нефункционални кредити и за прашања во областа на управувањето. Покрај тоа, преку Програмата се спроведоа и билатерални мерки и практична работа во корист на шесте западнобалкански земји кандидатки и потенцијални кандидатки за членство во ЕУ, коишто беа дефинирани на состаноците на Управниот комитет на Програмата. Претставниците на институциите-кориснички ги нагласија важните постигнувања, како на пример, во областите на заштитата на потрошувачите на финансиски услуги, управувањето со девизните резерви, меѓународните односи, платните системи, спречувањето перење пари и финансирање на тероризам, решавањето на финансиските институции и статистиката.
– Програмата беше успешно и целосно завршена и покрај исклучителните услови коишто ги наметна пандемијата. Сето ова се оствари благодарение на постојаната поддршка од страна на Европската комисија, како и исклучително приспособливиот однос на сите членови и експерти вклучени во Програмата. За време на пандемијата, дигитализацијата и ИТ-базираните алатки ги заменија традиционалните состаноци со физичко присуство, а мораше да се направат и одредени жртви во персоналната интеракција и градењето односи, наведуваат од НБ.
Програмата беше спроведена од страна на Германската сојузна банка во партнерство со Централната банка на Белгија, Бугарската народна банка, Чешката народна банка, Народната банка на Грција, Банката на Шпанија, Банката на Франција, Хрватската народна банка, Централната банка на Ирска, Банката на Италија, Централната банка на Литванија, Банката на Луксембург, Унгарската народна банка, Банката на Холандија, Централната банка на Австрија, Народната банка на Полска, Банката на Португалија, Народната банка на Романија, Банката на Словенија и Централната банка на Словачка. Европската централна банка даде свој придонес во спроведувањето на Програмата.
Изготвен е и краток филм со цел пренесување на впечатоците од Програмата и добивање повратни информации од учесниците.