Претседателот на Општинската изборна комисија (ОИК)-Штип, Виктор Вацев вели дека гласањето на болните и немоќни лица се уште е во тек, бидејќи неколку избирачките одбори го чекале материјалот од специјалниот здравствен тим за да продолжат и тие со активностите на терен.

МИА беше заедно со членовите на избирачкиот одбор 22 98, на гласачкото место право на глас имаат 806 избирачи, а денеска гласаа шест болни и немоќни лица.

-Наша должност како избирачки одбор е да одиме, да ги посетиме, за да си го остварат своето право на глас, вели Вера Читкушева претседател на избирачки одбор 22 98.

Меѓу првите кои ги пушти двете ливчиња во кутија беше 82-годишната Голубика Мастева, која гласаше во својот дом во старата штипска населба Исар. Порача дека е среќна што може да гласа дома, а, како што рече, додека била на нозе дотерана го посетувала своето избирачко место. Смета дека секој полнолетен граѓанин има право да гласа и да ги бира новите градоначалници и советници, кои ќе придонесат за развојот на општината.

Во Затвор-Штип денеска можат да гласаат 204 осудени лица од речиси сите општини во земјава. Заменик претседателот на избирачкиот одбор во Затвор-Штип, Валентина Даскалова вели дека избирачкото место е отворено во 7 а ќе се затвори во 19 часот.

Во Штип 139 болни и немоќни лица, 17 ковид болни и во изолација и осудениците гласаат на стариот начин, со ув ламба и спреј, а апаратите за отпечаток на прст ќе се активираат утре во 7 часот на 80 избирачки места.

Претседателот на ОИК-Штип, Виктор Вацев вели дека се е подготвено за утре, некои избирачки одбори кои гласањето ќе го спроведат во руралните средини утре во 4 часот заминуваат во придружба со полицијата, за да ги отворат избирачките места во 7 часот.