Постапката е успешно завршена од страна на Јавното претпријатие за железничка инфраструктура Железници на РМ, а во наредниот период ќе следува евалуација на пристигнатите понуди и избор на најповолниот понудувач, информираат од Владата на РМ.
Проектот вклучува доградба на 64,8 километри од железничката линија од Куманово до Бељаковце (фаза 1) и од Бељаковце до Крива Паланка (фаза 2) од Коридорот 8. Веќе е завршена постапката за избор на компанија-надзорен инженер за изведба на пругата.
Од Владата на РМ информираат дека со овие активности се создадени услови за отпочнување на градежните работи во првиот квартал од наредната година.
-Средствата за целиот овој проект се на располагање и се обезбедени преку кредит од страна на Европската банка за обнова и развој и инвестициски грант одобрен преку инструментот Инвестициски фонд за Западен Балкан на ЕУ, се вели во владиното соопштение.
Инаку, Европската Комисија во најновиот Извештај за реформскиот напредок на земјава за 2021 година побараа под итно да се подобри имплементацијата на работите на железничкиот Коридор 8.
-Дополнителни и итни напори се неопходни за да се забрза напредокот во сите фази на железничкиот коридор и другите приоритетни секции на мрежата како во делот на железницата, така и во делот на патиштата, беше наведено во Извештајот на ЕК.
Инаку, тендерот за избор на изведувач за првите две фази од пругата меѓу Куманово и Крива Паланка беше распишан кон средината на јануари 2021 година. Јавниот повик за избор на изведувач на пругата Куманово-Крива Паланка следи откако минатата година германската компанија „Вибе“ еднострано го раскина договорот за изведба на првата фаза на пругата Куманово-Бељаковце, по што Владата се одлучи да го поништи огласот и за пронаоѓање на изведувач за втората фаза Бељаковце-Крива Паланка.
Доградбата на железничката линија меѓу Куманово и Крива Паланка ќе трае 24 месеци. Воедно, за третата фаза од пругата кон Бугарија, на потегот меѓу Крива Паланка и граничниот премин Деве Баир, ќе се одвојат 330 милиони евра, додека проектираните 24 километри пруга е предвидено да се изградат во временски период од 36 месеци.