Како што појасни обвинителот Трајче Пеливанов во своите завршни зборови за предметот „Трезор“, оваа фирма била регистрирана во САД, а управител бил најпрвин обвинетиот поранешен помошник-министер во МВР, Небојша Стајковиќ, а потоа и починатиот Коста Крпач. Краен сопственик на оваа фирма на крајот се јавува бизнисменот Орце Камчев.

Приливот на парите доаѓал преку сметка од Кипар, а првата деловна активност „Финзи“ ја имала преку договорите за набавка на опремата од британската фирма „Гама Интернешнл“.

Тројца од обвинетите ја склучиле зделката во Лондон, а според обвинителството, со ваквиот начин на набавка преку фирма посредник е да се прибави корист за „Финзи“ која е основана преку офшор компанија. Со ова, бил оштетен државниот буџет.

Инаку, поради скриеното потекло и сопственоста на парите, фирмата „Финзи“ е дел од случајот „Империја“ во која се осомничени токму поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков и бизнисменот Орце Камчев.

Како што соопштија од Обвинителството, со договорите и анексите за набавка, обука и користење на опремата, фирмата „Финзи“ имала корист од над 47 милиони денари.

Да потсетиме, покрај Сашо Мијалков, во случајот „Трезор“ се обвинети и поранешниот шеф на неговиот кабинет и началник на оддел во Управата, Тони Јакимовски, поранешниот началник на Петтата управа во МВР, Горан Грујевски и поранешниот помошник-министер во МВР, Небојша Стајковиќ. Сите освен Тони Јакимоски кој е обвинет за помагање, се обвинети за злоупотреба на службената положба и овластувања.