Македонската ракометна репрезентација денеска ќе го комплетира настапот на Светското првенство во Полска и во Шведска, со дуелот против Јужна Кореја (18ч.) за конечен пласман.
Ова ни ги враќа спомените назад до 2009 година, кога исто така го завршивме првенството со натпревар против Јужна Кореја за конечен ранкинг. Само има една „мала“ разлика, тогаш игравме за 11. место, а сега за 27. И со победа ова секако ќе биде најслабиот пласман на Македонија на едно ракометно СП, но пораз ќе значи дека го освојуваме 28. место, меѓу 32 учесници.
Јужна Кореја, како и Македонија го освои второто место во својата група во Президент купот, со две победи и еден пораз. Тој дојде од Чиле, селекцијата која ние тесно ја совладавме (32-30) пред две години. Сепак, во повеќе наврати видовме дека работите не се исти како порано, затоа оваа победа ќе мора да се заслужи.
Јужна Кореја е петтопласираната селекција од последното првенство на Азија, која немаше шанси на овој Мундијал. Играше во стравична група, со Португалија, Унгарија и со Исланд и од сите три запиша убедливи порази. Во Президент Купот ги совлада Уругвај и Саудиска Арабија, покрај поразот од Чиле. Дуелот од 2009 и победата со 32-31 е нашето единствено соочување со оваа селекција.