Лидерот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на денешната Конвенција за промоција на кандидатите за градоначалници и советници порача дека партијата е обединета околу воспоставување на вредносен систем во кој патриотизмот и достоинството не се злоупотребуваат за рејтинг, туку за подобар живот на граѓаните.

„Патриотизам е да обезбедиш неповратни европски грантови за развој на државата, а не сомнителни кредити со камати кои ќе ги враќаме со децении, а од кои досега не гледаме ништо суштинско,“ рече Филипче.

Тој нагласи дека граѓаните се „најважното политичко семејство во Македонија“ и дека гласно сведочат за застранувањето на власта, која, како што рече, прерано го изгубила тлото под нозете и се води исклучиво од партиски интереси. Според него, токму од таа состојба произлегува потребата за побрза консолидација, зајакнување на солидарноста и здружување на силите за заштита на заедничкиот дом на граѓаните.

Филипче ги претстави кандидатите за градоначалници и советници на СДСМ, кои, како што истакна, се луѓе со интегритет, професионалци, активисти, наставници, лекари, инженери и претприемачи.

„Зад мене стојат нашите кандидати за градоначалници и советници, луѓе што живеат чесно, работат чесно и ќе служат чесно… Токму од нив барам на овие избори својот збор да го дадат пред граѓаните, а не пред партијата – да работат со отворени врати, да се однесуваат скромно, да одговараат на секое прашање и да носат одлуки во јавен интерес,“ истакна тој.

На крај, лидерот на СДСМ подвлече дека токму ова е суштинската предност на социјалдемократите во однос на власта на ВМРО-ДПМНЕ и најважната разлика која ќе се одрази на квалитетот на локалната самоуправа.