Тој рече дека низата неостварени, а ветени проекти во селата Мелница, Ореше, Оморани, Богомила, Теово, Извор, Лисиче, Отиштино, не се проекти, туку сега веќе лаги!

– Не се проекти ниту збогатувањето на возниот парк на градоначалникот, обезбедувањето на бенефити за неговите партиски послушници, пресметување со оние кои што поразлично размислуваат од него! Знаете ли дека локалната власт во општина Чашка не успеа да реализира ниту еден од готовите проекти со обезбедени финансиски средства кои што ги наследи од претходната локална власт на ВМРО-ДПМНЕ? Граѓаните на општина Чашка знаат, а знаат и дека моменталниот градоначалник се фали со вмровските проекти кои ги наследи, а не ги ни спроведува прописно! Затоа што негови и нема, појасни Здравевски.

Кандидатот посочи дека неговата кандидатура за градоначалник на општина Чашка ја поднесол со особена убеденост и надеж да ги смени заедно со сограѓаните работите во нивниот крај.

– Сакам да живееме во стабилна околина, без нетрпеливост, со реализирани проекти, но пред сѐ, задоволни сограѓани! Не можам да ветам она што не ќе можам да го исполнам, но со сигурност знам дека општина Чашка го заслужува најдоброто! Нам ни требаат младите, ние работиме за нив и нивната иднина! Ни требаат нови модерни игралишта, паркови и рекреативни центри за нив! Нам ни требаат центри за рекреација за почитуваните пензионери, потребно е да отвориме амбулантни центри во местата каде што ги нема! Во мене гледајте сограѓанинот, земјоделецот, комшијата, роднината! Знам што ни е потребно, но главни приоритети во текот на мојот мандат како градоначалник ќе ми бидат: Собирање и прочистување на фекалните води од Горно и Долно Јаболчиште, поквалитетно водоснадбување на Чашка, Богомила, Мартолци, Извор, Лисиче и сите останати населени места, изградба на асфалтни патишта до секое населено место, урбанизација на секое населено место, како и подеднакви услови за живеење за сите! Да нема веќе поделби на ниту едно ниво. Овојпат да одбереме заеднички напредок! Доста ни тонеше општината! Чашка е за сите луѓе! Доста е со лаги, доста е со неодговорности, доста е со богатење на локалните првенци за сметка и од грбот на народот, дециден е Здравевски.

Тој додаде дека СДСМ во општина Чашка ќе ги сноси последиците од својата неодговорност!

– ВМРО-ДПМНЕ обединето како никогаш досега, со одличен тим, исполнет со енергија и одлучност, оди кон убедлива победа во општина Чашка, заврши Здравевски.