Во писмото до претседателката на Косово, Вјоса Османи, кое денеска го објави порталот Коха.нет, ИКШПК предупредува дека одржувањето на изборите претставува опасност од зголемување на бројот на заразени и умрени од Ковид-19.

– Врз основа на анализата на актуелната епидемиолошка ситуација (…) ИКШПК смета дека одржувањето на изборниот процес, кој опфаќа јавни собири и собирања на граѓаните, претставува опасност од ширење и зголемување на заразата од Ковид-19 и како последица на тоа зголемување на опасноста од смртни случаи. Затоа препорачуваме одлагање на изборниот процес, односно забрана на јавните активности, собирањата на граѓаните и јавните собири од сите видови и од секоја природа без исклучок, до наредната епидемиолошка проценка, се вели во писмото до Османи.

Претходно, пред медиумите да го објават писмото, претседателката на државата ги повика партиите на средба, закажана за понеделник, 13 септември, на која ќе се расправа „за мислењето на ИКШПК во врска со влијанието што изборите можат да го имаат врз пандемичната ситуација во која се наоѓа Косово“.

Шефот на кабинетот на Османи, Блерим Веља ги обвини медиумите кои објавија дека Османи, „по налог“ на премиерот Албин Курти ќе ги одложи изборите, поради наводниот драстичен пад на рејтингот на владејачката партија Движење самоопределување (ВВ), дека се „во служба на криминалните кланови“ на поранешните власти.

Неколку опозициски партии побараа, поради тешката состоба со пандемијата, скратување на избрната кампања од 30 дена на една недела или десет дена, некои сметаат дека класична кампања, со собири и митинзи воопшто не треба да има. По ова, претседателот на косовското Собрание и член на највисокот раководство на ВВ, Глаук Коњуфца изјави дека, според него, најдобро би било изборите целосно да се одложат, што беше одбиено од опозицијата. Лидерот на Демократскиот сојуз на Косово, Љумир Абдиџику изјави дека за одлагање на локалните избори нема никаква законска основа.