Украинскиот претседател испрати отворено писмо до рускиот лидер

Украинскиот претседател Володимир Зеленски му испрати отворено писмо на рускиот претседател Владимир Путин, во кое предлага директна средба лице в лице и почеток на мировни преговори за ставање крај на војната меѓу двете земји.

Во писмото, објавено на официјалната интернет-страница на украинското претседателство, Зеленски наведува дека е подготвен за разговори во неутрална земја и предлага за време на преговарачкиот процес да има целосен прекин на огнот, како и размена на заробеници по принципот „сите за сите“.

„Речиси половина од вашите 26 години на власт во Русија ги поминавте во војна со Украина. Што и да кажете за НАТО, геополитиката и за рускиот јазик, оваа војна е ваш личен избор – војна без вистинска причина. Историјата ќе ја памети така“, напиша Зеленски.

Тој во писмото се осврнува и на последиците од војната, потсетувајќи дека Русија не успеа да го освои Киев во 2022 година, како и на економските последици од санкциите и човечките загуби што ги претрпеа двете страни.

„Рускиот народ не ги сака нашите беспилотни летала и ракети. Не им се допаѓа недостигот на гориво и постојаното зголемување на цените. Не им се допаѓаат постојаните забрани. Не им се допаѓа вашата намера да започнете втор бран мобилизација, за да ја проширите војната во друга насока во Украина или да ја насочите против некоја друга соседна земја. Не им се допаѓа фактот што нема крај на вашата војна“, наведува украинскиот претседател.

Предложени Швајцарија, Турција или земји од Блискиот Исток

Зеленски предлага средбата да се одржи во Швајцарија, Турција или во некоја од земјите на Блискиот Исток и го повика Путин лично да одреди датум за разговорите.

„Украина нуди крај на оваа војна. Мора да го направиме тоа праведно, со достоинство и со гаранции дека нема да има нова војна… Предлагам да се сретнеме“, порача Зеленски.

Тој нагласи дека и САД и европските држави треба да имаат улога во мировниот процес, додавајќи дека дипломатијата треба да биде следниот чекор.

„Мора да утврдиме каква ќе биде иднината за сите идни генерации Украинци и Руси. Ако самите не разбирате дека е време да се заврши оваа војна, Украина ќе продолжи да се бори за свој опстанок. Ќе имаме поддршка. Но, ќе мора да се борите и многу посилно за сопствениот опстанок – не за рускиот опстанок, туку за вашиот“, пишува Зеленски.

Писмото беше објавено еден ден по украинскиот напад врз цели во Санкт Петербург.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека писмото е примено и дека ќе му биде доставено на Путин.

„Зеленски секогаш може да дојде во Москва ако сака да преговара“, рече Песков.

Тој додаде дека руските национални интереси остануваат клучен фактор во евентуалните разговори со Украина.