Војната што Русија ја води против Украина сè повеќе претставува закана за земјите на источната граница на Европската Унија – изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, откога денеска морски дрон експлодира во близина на романското црноморско пристаниште Констанца.

„Нашата солидарност со секоја земја членка изложена на вакви закани е апсолутна“, напиша Фон дер Лајен на социјалната мрежа „Икс“.

Според романското Министерство за одбрана, морски дрон од типот што се користи во војната во соседна Украина се самоуништил во близина на нафтен терминал во Констанца. Во инцидентот нема повредени лица.

Руската амбасада во Букурешт соопшти дека експлодираниот дрон бил украински.

„Секој обид овие дронови, директно или индиректно, да се поврзат со Русија и на нашата земја да ѝ се припише одговорност за инцидентот е неоснован“, се наведува во соопштението на руската дипломатска мисија објавено на „Телеграм“.

Инцидентот повторно ја отвори дебатата за безбедносните ризици што војната во Украина ги носи за соседните земји членки на НАТО и за Европската Унија.