Украинската делегација ќе ја предводи премиерката Свириденко
Украинскиот претседател Володимир Зеленски нема да присуствува на годишната Конференција за обнова на Украина, која денеска се одржува во полскиот град Гдањск.
Според информациите од Киев, украинската делегација на конференцијата ќе биде предводена од премиерката Јулија Свириденко. Одлуката Зеленски да не учествува е поврзана со актуелните тензии меѓу Киев и Варшава, предизвикани од несогласувањата околу прашања поврзани со Втората светска војна.
Фокус на обновата на енергетиката и критичната инфраструктура
Главен приоритет на конференцијата во Гдањск, која е петта од ваков вид, е обновата на украинскиот енергетски сектор, критичната инфраструктура и логистиката.
На настанот ќе се разговара и за безбедносните капацитети на Украина. Според проценките на Украина, Светска банка, Европската Унија и Обединетите нации, објавени во февруари, повоената обнова на Украина би чинела околу 500 милијарди евра.
Првпат од 2022 година Зеленски нема да биде дел од конференцијата
На конференцијата се очекува учество на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, како и на неколку членови на Европската комисија. Обраќања ќе имаат и првите луѓе на Полска, Бугарија, Естонија, Финска, Летонија, Литванија, Романија и Шведска.
Претходните конференции за обнова на Украина се одржаа во Лугано, Лондон, Берлин и Рим. Ова е првпат од 2022 година Зеленски да не присуствува на ваков настан.
Односите меѓу Варшава и Киев се заладија кон крајот на мај, откако Зеленски одлучи да именува воена единица по Украинската бунтовничка армија, националистичка организација формирана во 1942 година, која во Полска се смета за одговорна за смртта на повеќе од 100.000 Полјаци.
