Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Украина е подготвена за прекин на огнот по постоечката фронтова линија и за почеток на дипломатски преговори. Во интервју за Ал Џезира тој оцени дека таков потег би претставувал исклучително голем компромис за неговата земја.

„Подготвени сме да застанеме таму каде што сме сега. Ова е прекин на огнот на линијата на контакт. Ова е компромис, се разбира, и многу голем. Свесни сме дека тој не сака да ја напушти нашата територија. Затоа велиме: во ред, да застанеме тука и да се свртиме кон дипломатијата“, рече Зеленски.

Зеленски изрази надеж дека американскиот претседател Трамп сè уште има доволно влијание за да помогне во наоѓање решение за завршување на војната, но нагласи дека тоа не смее да биде на начин на кој само Украина ќе ја пати цената, оценувајќи дека тоа не е коректно.

Изјавата на украинскиот претседател доаѓа по уште една масовна размена на напади меѓу Украина и Русија.

Според Командата на украинската воздухопловна војска, руските сили ноќеска ја нападнаа Украина со 140 дронови. Украинската воздушна одбрана собори 101, а регистрирани се погодоци на 27 локации.

Од друга страна, повеќе од десетина руски региони, вклучувајќи ја и Москва, ноќеска беа цел на украински дронови. Русија објави дека нејзините сили собориле повеќе од 1.000 беспилотни летала.